САД немаат сознанија дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје, но ќе продолжат внимателно да ја следат ситуацијата, потврди портпаролот на Стејт департментот – Метју Милер.
Коментарот дојде откако рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека Москва има оружје за напад на цели на Запад.
„Ова не е првпат да ја слушаме неодговорната реторика на Владимир Путин. Така не треба да зборува лидер на земја со нуклеарно оружје“, рече Милер.
Путин претходно им кажа на западните земји дека ризикуваат да предизвикаат нуклеарна војна доколку испратат воени трупи да се борат во Украина.
Рускиот претседател додаде дека Русија докажала дека е способна да одговори на најтешките предизвици, додавајќи дека нема да дозволи никој да се меша во нејзините внатрешни работи и ќе продолжи да се грижи за нејзините демократски институции.
„Само со тоа што сме единствени можеме да реализираме се што сме замислиле. Докажавме дека Русија е подготвена да одговори на секој предизвик“, рече Путин во своето обраќање за состојбата на нацијата, две недели пред изборите на кои се очекува да забележи убедлива победа.
Путин истакна дека борбените способности на руските вооружени сили се многукратно зголемени и дека руските сили „самоуверено напредуваат и ослободуваат територии“ во сите правци.
„Русија не ја започна оваа војна (во Украина), но ние ќе направиме се за да го искорениме нацизмот и да го заштитиме суверенитетот на нашите граѓани“, рече Путин.
Тој изјави дека руските стратешки нуклеарни сили се во состојба на готовност.
Зборувајќи за односите со Соединетите Американски Држави, Путин оцени дека Вашингтон презема „отворено непријателски акции“, обидувајќи се да и нанесе „стратешки пораз“ на бојното поле на Москва.