Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел објави дека ЕУ изразува сочувство до семејството и пријателите на Алексеј Навални, кој беше погребан денеска во Москва.
„Она во што веруваше Навални нема да исчезне – идеите не можат да се измачуваат, трујат или убиваат. Тој останува инспирација за многумина во Русија и пошироко“, се вели во објавата на Борел на социјалната мрежа X.
Тој додаде дека амбасадорот на ЕУ и другите дипломати му оддаваат почит на Навални.
Да потсетиме, рускиот опозициски лидер Алексеј Навални беше погребан на гробиштата Борисовски во Москва со звуците на песната „My Way“ од Френк Синатра и музика од филмот „Терминатор 2“, кој Навални во неколку наврати го нарекуваше „најдобар филм“ на сите времиња”.
Претходно во црква се одржа панихида, а илјадници граѓани се собраа пред црквата да му оддадат почит на Навални.
Силни полициски сили беа присутни цел ден низ Москва, а по погребот почнаа апсењата на граѓаните кои присуствуваа на погребот.