Белгискиот сојузен парламент минатата недела гласаше за нов кривичен законик кој за прв пат во Европа вклучува признавање на кривичното дело „екоцид“ на национално и меѓународно ниво. Ова значи дека екоцидот ќе биде вклучен во кривичниот законик, како што се злосторствата против човештвото и геноцидот.
На национално ниво, новото кривично дело екоцид, насочено кон спречување и казнување на оние што се сметаат за „најтешки случаи на деградација на животната средина“, како што се големите излевања на нафта, ќе се однесува и на поединци на највисоките позиции за одлучување, како и на корпорации. Казната за поединци може да вклучи до 20 години затвор, додека корпорациите може да се соочат со парични казни до 1,6 милиони евра.
Во рамките на белгиската федерална монархија, домашното законодавство за животна средина е главно одговорност на трите регионални влади на Фландрија, Валонија и Брисел. Опсегот на новиот закон е ограничен на области во јурисдикција на федералната влада, вклучувајќи го Северното Море и управувањето со нуклеарниот отпад.
Ограничениот домашен опсег на новиот предлог не е причина да се отфрли важноста на развојот, вели Патриција Вилок, директорка на белгискиот огранок на движењето „Стоп за екоцидот“. Таа потсети дека во ноември минатата година Европската унија постигна договор за вклучување на нова казнена одредба во неодамна ревидираната директива за еколошките злосторства, чија цел е „случаи споредливи со екоцид“.
„Сега сите 27 земји-членки се задолжени за усогласување на нивните домашни кривични закони со оваа ажурирана директива, процес кој ќе се прошири на трите региони на Белгија. Очекуваме овој напор значително да ги намали разликите помеѓу федералните и регионалните закони за еколошките злосторства. Бидејќи Белгија претседава со Европската унија, оваа директива треба да ги охрабри регионите да ја играат својата улога во областа на нивната надлежност“, истакна Вилок.
Таа нагласи дека Белгија сега е во првите редови на глобалниот разговор за криминализација на најсериозните штети на природата и мора да продолжи да се залага за признавање на екоцидот пред Меѓународниот кривичен суд, заедно со геноцидот.
За целосно да се заштити природата, неопходно е да се криминализираат оние кои намерно би уништиле големи делови од природниот свет, предизвикувајќи невидена човечка штета. „Ќе ја продолжиме борбата за искоренување на екоцидот од Белгија и од светот“.
Дополнително, Белгија стана првата европска земја што го призна екоцидот како меѓународно кривично дело, врз основа на консензусната дефиниција предложена во 2021 година од Експертскиот панел (ИЕП) свикан од фондацијата „Стоп за екоцидот“.
Земјата веќе го признава геноцидот, злосторствата против човештвото, воените злосторства и злосторството на агресија, а сега во својот кривичен законик го додава петтото кривично дело според меѓународното право: екоцид.
Задоволен е и Самуел Коголати, пратеник во Сојузниот парламент од Партијата на зелените, кој одигра значајна улога во залагањето за вклучување на екоцидот во новиот кривичен законик.
„По четири години борба во Парламентот и граѓанското општество, нашиот кривичен законик конечно и доаѓа на помош на планетата: најсериозните напади врз животната средина наскоро ќе бидат криминализирани. Нашата мобилизација вроди со плод! Да испратиме силен сигнал до меѓународна заедница: белгискиот парламент го признава петтото „меѓународно злосторство“ по воените злосторства, злосторствата на агресија, злосторствата против човештвото и геноцидот“, истакна пратеникот.
Патем, во ноември, Европската унија стана првото меѓународно тело што ја криминализираше еколошката штета споредлива со екоцидот. Пратениците се согласија да ја ажурираат директивата на ЕУ за еколошки злосторства, која ги казнува најсериозните случаи на уништување на екосистемот, вклучително и губење на живеалиштата и нелегална сеча, со построги казни.
Пратениците не се согласија да ги прошират овие обврски на прекршоци извршени надвор од ЕУ во име на европските компании, но оставија опција земјите-членки да го сторат токму тоа.