Тошковски: Полицајци доброволно се вклучуваат во издавањето на лични документи

од Nikola Popovski
275 прегледи

Министерот на внатрешни работи, Панче Тошковски денеска беше во посета на полициската станица „Беко“ во центарот на Скопје.

-Ова саботно утро го искористив да го посетам пунктот “Беко“ кадешто во моментов се обучува нова група на полициски службеници кои доброволно се вклучуваат во процесот на издавање на лични документи, објави Тошковски на социјалните мрежи.

Тој упати искрена благодарност кон колегите, за кои вели, на дело покажуваат дека си ја сакаат Македонија и се спремни да помогнат кога е најпотребно.

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека од вчера е воведена уште една нова секција на веб-сајтот termin.mvr.gov.mk, која има за цел да придонесе кон побрзо закажување термин за фотографирање за лични документи.

Во секцијата наречена „Поднеси барање за термин“ граѓаните го внесуваат својот матичен број, телефон за контакт и избираат за кој документ би сакале да закажат термин, посочуваат од МВР.

-Откако ќе го испратат барањето, операторите од повикувачкиот центар ќе ги исконтактираат на наведениот телефон за контакт за да го опслужат нивното барање во најкус можен рок, соопштија од МВР.

Слични содржини