Во однос на претстојните претседателски избори, МНР Бујар Османи кој е кандидат на ДУИ, очекува да влезе во вториот круг и потенцира дека ДУИ нема да повика за бојкотирање на изборите доколку нивниот кандидат не помине во вториот круг.
– Мојата работна дисциплина, искуство и меѓународна етаблираност ќе покажат дека ќе се гласа за личност, работам за влез во вториот круг, може СДСМ ќе застане зад мене во вториот круг. Недвосмислено ќе имам повеќе гласови од Таравари, единствениот сум во оваа држава кој има контакти на сите континенти. Ако зборуваме за мојата кандидатура за претседател, мислам дека е специфична кандидатура која дава можност еднаш на претседателските избори, граѓаните да одлучат за кандидат, а не само за политичка партија или етничка заедница. ДУИ никогаш не предизвикува кризи во оваа држава, напротив решава кризи. На никој начин ДУИ нема да биде причина за било која криза во државата. Нас ни е најважно да продолжи европскиот пат. Тоа го очекуваат граѓаните, рече Османи, посочувајќи дека еден од столбовите во неговата програма е изборот на претседател на државата да се избере во Собранието.
Османи предлага сите кандидати за шеф на државата да помиинат низ ветинг пред нивното официјално номинирање. – Јас сум подготвен да се изложам на целосен ветинг од сите можни институции да видат дали сум примил било што во животот надвор од платата. Предлагам сите кандидати пред официјално да се номинираме, да поминеме низ ветинг, рече Османи.
На прашањето дали неговата партија ќе инсистира идниот коалициски партнер да поддржи уставни измени, Османи нагласи дека ДУИ нема да прифати да биде дел од Влада без јасен договор за продолжување на преговорите со ЕУ.
– ДУИ нема да прифати да биде дел од Влада без јасен договор за продолжување на преговорите со ЕУ, не заради тоа што сметаме дека е тоа интересно за кампањата, туку заради тоа што сме убедени дека не може да има прогрес на оваа држава без јасна европска перспектива. Нема да имаме владеење на право без отворање на поглавјата 23 и 24 и секој што ќе вети дека може да направи европска држава без европски преговори или не, го знае процесот или ги манипулира граѓаните, истакна Османи.