Заменик-помошникот секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар ќе ги посети Белгија, Косово, Австрија и Црна Гора, во периодот од 10 до 18 март 2024 година. Како што објавија од Стејт Департментот, неговата посета ќе ја потврди посветеноста на САД кон земјите од Западен Балкан додека тие се стремат кон евроатлантска интеграција и подлабока регионална соработка.
Како што е објавено, Ескобар во Австрија ќе се сретне со канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за да разговара за претстојните двојни избори во Северна Македонија и локалните избори во Србија.
За време на престојот во Белгија, Ескобар ќе се сретне со специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак и други претставници на Европската Унија и НАТО, за да разговараат за напорите за унапредување на реформите кои ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет во регионот на Западен Балкан.
-Во Косово, тој ќе се сретне со косовските владини лидери, граѓанското општество и заедниците на косовските Срби за да ја нагласи континуираната силна поддршка на САД за Дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, олеснет од ЕУ, потенцираат од Стејт Департментот.
Специјалниот претставник ќе одржи состаноци и за влијанието на новите регулативи на Централната банка на Косово и ќе побара чекори за да се осигура дека потребите на косовските граѓани се задоволуваат целосно и без прекин.
-Специјалниот претставник ќе отпатува и во Црна Гора, каде на состаноците со црногорската влада, граѓанското општество и бизнис лидерите ќе ја нагласи поддршката на САД за демократска Црна Гора, цврсто вкоренета во евроатлантската заедница, стои во соопштението.
Изборната кампања во земјава започнува 20 дена пред денот на изборите и во првиот и вториот круг на гласање не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите. Тоа значи дека кампањата за претседателските избори формално ќе започне на 4 април, додека за парламентарните избори на 18 април.
Претседателот на Собранието Јован Митрески на 14 февруари ги распиша претседателските и парламентарните избори. Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот круг ќе се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.