Ѓоковиќ по елиминацијата во Индијан Велс: Немам титула оваа година, не сум навикнат на тоа

од Vladimir Zorba
143 прегледи

Србинот Новак Ѓоковиќ, разбирливо, беше крајно незадоволен од настапот во поразот од Лука Нарди во третото коло на Мастерсот во Индијан Велс.

Ѓоковиќ загуби со 6:4, 3:6, 6:3 на првиот настап во Калифорнија од 2019 година.

„Му честитам бидејќи одигра многу добро, особено во третиот сет. Го гледав како игра. Не знаев многу за него, но го гледав и знаев дека има одличен основен квалитет, особено со неговиот форхенд. Добро се движи, многу е талентиран. Тој влезе во ждрепката како „среќен губитник“ и немаше што да загуби, па затоа одигра брилијантно и заслужено победи. Повеќе сум изненаден од нивото на мојата игра – навистина, навистина лошо. Тие две работи се поклопија и резултатот беше негативен исход“, започна Ѓоковиќ и додаде:

„Знаев дека нема да изгуби, освен ако не го натерав, и не го сторив тоа. Му помогнав да игра добро, но не си помогнав себе си воопшто. Правев навистина страшни неизнудени грешки, дефанзивен тенис, без многу сила на топката во третиот сет. Влезе на теренот и го искористи времето што го имаше на располагање, играше поопуштено и поагресивно од мене. Беше малку ветровито, сосема спротивно од тренингот и мојот прв натпревар, но тоа не е оправдување. Требаше да играм многу подобро“.

На прашањето дали на неговата лоша игра влијаело тоа што не играл од Австралија опен или тоа што долго време не играл во Индијан Велс, Ѓоковиќ одговори:

„Може да биде и едното и другото, да бидам искрен. Не сум сигурен. Ќе анализирам што се случи, што можев подобро да направам и ќе продолжам понатаму. Играм помалку турнири, попребирлив сум со мојот распоред, така што не е прекрасно чувството кога ќе испаднеш рано, особено овде каде што не сум играл пет години. Навистина сакав добар резултат, но тоа не беше судено“.

Конечно, новинарите го прашаа Новак што би направил поинаку во ретроспектива и што мисли за сезоната досега.

„Можев да направам се поинаку. Како што реков, многу лошо издание. Да, немам титула оваа година и тоа е нешто на што не сум навикнат. Сезоните во кариерата обично ги започнував со Гренд слем титула или Дубаи, каде и да е… Но во ред, тоа е дел од спортот. Морам да го прифатам тоа, се надевам дека ќе продолжам да победувам и ќе продолжам понатаму. Каков трофеј и да следи, добредојден е, да се прекине негативниот циклус, бидејќи не сум ни блиску до мојата најдобра игра на последните три-четири турнири“, заклучи Ѓоковиќ.

Слични содржини