Тошковски го промовира системот „Земи бројче“, очекува да се воспостави ред за фотографирање и издавање на лични документи

од Nikola Popovski
208 прегледи

Денеска во Отсекот за управни работи Куманово, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски го промовираа системот „Земи бројче“.

Според МВР, системот „Земи бројче“ кој во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација од денес целосно е ставен во функција има за цел да воспостави ред во однос на приемот на странки за фотографирање и издавање на лични документи

„Со оваа мерка ќе се стави крај на гужвите, времето на чекање на граѓаните значително ќе се намали и истите ќе можат во едни нормални услови да дојдат до својот личен документ“, потенцираше министерот Тошковски.

МВР во соработка со МИОА, подготвува и систем за проверка на готовите лични карти во Скопје, како и испраќање на СМС пораки, како што е случајот со патните исправи. Но министерот нагласи и дека сè уште е голем бројот на луѓе кои закажуваат термини за нови документи.

„Бројката на термини на луѓе кои ќе треба да пристапат а ги имаме закажано од веб страницата е околу 300.000. Кога станува збор за таква бројка на термини малку реално е тешко да се справиме со најправичен начин но даваме сè што можеме“, додаде Тошковски.

Тој не прецизираше кога ќе започне да се имплементира системот за проверка на готовите лични карти во Скопје.

Слични содржини