АРМ се подновува со осум хеликоптери вредни 230 милиони евра

од Nikola Popovski
229 прегледи

Министерството за одбрана соопшти дека за потребите на македонската армија за 230 милиони евра ќе бидат купени осум хеликоптери на италијанскиот производител „Леонардо“.

Како што беше истакнато на брифингот со новинарите, хеликоптерите сукцесивно ќе се плаќаат на четири рати, а првата рата ќе се плаќа годинава и ќе изнесува 16 отсто од вкупната набавна вредност.

Како што рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска, изборот на хеликоптери е направен во согласност со долгорочниот план за развој на одбранбените капацитети 2023-2032 година и плановите на Армијата на Северна Македонија за обнова на воздухопловните компоненти.

Првиот хеликоптер ќе пристигне во земјава во втората половина на 2026 година, а сите испораки ќе бидат завршени до 2028 година.

Договорот за набавка на хеликоптери ќе биде склучен утре, а во име на владите на двете земји ќе го потпишат министерката Петровска и амбасадорот на Италија, а до крајот на месецот ќе се потпише договорот со компанијата „Леонардо Хеликоптерс“.

Петровска нагласи дека во пакетот набавки е вклучена обука на пилоти и технички персонал, како и достапност на симулатори за обука, како и обезбедување на хангар за сместување на новите хеликоптери.

На конкурсот за избор на компании, пристигнале четири понуди – „Леонардо Хеликоптерс“, германско-француски конзорциум, компании од САД и Канада.

Петровска во јануари во програма обелодени дека понудата на италијанската компанија „Леонардо“ била избрана како најповолна за набавка на осум повеќенаменски хеликоптери за македонската армија.

Во согласност со таа понуда, како што тогаш рече, ќе се набават два типа хеликоптери „AgustaWestland AW149“ и „AgustaWestland AW169“, од кои поголемиот модел може да превезува 14 патници со опрема, а другиот помал, до осум патници со опрема.

Слични содржини