Мајк Пенс: Не можам со мирна совест да го поддржам Трамп

Одбивањето на Пенс да го поддржи Трамп во тврдењата дека изборите во 2020 година биле наместени, налути многу републиканци, што негативно влијаеше на неговите политички аспирации

од Бети Божиноска
210 прегледи

Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс  истакна вчера дека „не може со мирна совест“ да го поддржи најверојатниот кандидат за претседател од Републиканска партија, Доналд Трамп, кому му беше заменик, пренесува „Фокс њуз“.

„Доналд Трамп спроведува и артикулира агенда што е во спротивност со конзервативната агенда со која владдевме  во текот на нашите четири години. Затоа не можам со мирна совест да го поддржам Доналд Трамп во оваа кампања“, истакна Пенс.

Тој додаде дека е горд на резултатите на администрацијата што ја водел заедно со Трамп.

„Тоа беше период што ја направи Америка попросперитетна и побезбедна“, рече Пенс.

Сепак, тој истакна дека постојат „длабоки разлики“ меѓу него и Трамп „за голем број прашања“.

Пенс рече дека не го поддржува Трамп, меѓу другото, поради неговото противење на забраната на „ТикТок“ во САД и затоа што верува дека републиканскиот претседателски кандидат нема намера да се справи со огромниот јавен долг на САД.

Поранешниот американски потпретседател се кандидираше против Трамп за републиканска номинација овој циклус, но се откажа неколку месеци пред да започне гласањето откако не го привлече вниманието на гласачите.

Одбивањето на Пенс да го поддржи Трамп во тврдењата дека изборите во 2020 година биле наместени, налути многу републиканци, што негативно влијаеше на неговите политички аспирации по раскинувањето со поранешниот претседател, забележува „Политико“.

Откако се откажа од своојата претседателска кандидатура во октомври, Пенс не поддржа никого на републиканските внатрепартиски избори во 2024 година, но претходно вети дека ќе го поддржи евентуалниот кандидат на републиканците.

Откако Пенс се откажа од трката, Трамп рече дека неговиот поранешен потпретседател треба да го поддржи, велејќи: „Јас го избрав него, го направив потпретседател. Но… луѓето во политиката можат да бидат многу нелојални“.

Слични содржини