Легендата на Рома – Франческо Тоти, даде чуден коментар и ја посоветува управата на римските „волци“ да ја продаде ѕвездата на тимот, Пауло Дибала. Според Тоти, на клубот не му треба играч кој „игра 15 натпревари во сезона“.
„Зборуваме за голем играч, но мораме да разбереме што сака клубот да прави во иднина и кои се неговите цели за следната сезона. Да бев менаџер, би размислувал за играч кој игра 15 натпревари годишно. Ако имам важни цели, а еден од моите најдобри играчи е на линија во една третина од натпреварите, тогаш би ја проценил ситуацијата“, изјави Тоти.
Изјавата на италијанската легенда е прилично чудна со оглед на тоа што пред само три месеци, во зимскиот преоден рок, Тоти беше категоричен дека Рома не треба да продава важен играч како Дибала.