Врховниот суд пресуди дека Тексас смее да апси и затвора мигранти

Законот SB4 е меѓу најстрогите мерки за имиграција наметнати од која било американска држава во поновата историја.

од Бети Божиноска
243 прегледи

Врховниот суд на САД му дозволи на Тексас да апси и затвора мигранти како дел од новиот строг закон за имиграција во државата, пренесува Би-би-си. Според законот, познат како SB4, локалната и државната полиција смеат да ги апсат и гонат осомничените за нелегално преминување на мексиканската граница.

Администрацијата на Бајден го нарече законот неуставен.

Спроведувањето на законите за имиграција – вклучително и апсењата – вообичаено е под јурисдикција на федералната влада. SB4 сега им го дава тоа овластување и на властите во Тексас, дозволувајќи им да ги гонат мигрантите или да налоат нивно враќање во Мексико.

Законот е меѓу најстрогите мерки за имиграција наметнати од која било американска држава во поновата историја. SB4 беше одложен три пати од страна на судијата Семјуел Алито. Денеска Врховниот суд рече дека законот може да стапи на сила во исто време кога понискиот Федерален апелационен суд ја проценува неговата законитост.

Јавниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, ја поздрави одлуката како „огромна победа“ против администрацијата на Бајден и Американската унија за граѓански слободи (ACLU), кои го оспорија законот на суд.

„Како и секогаш, чест ми е да го бранам Тексас и неговиот суверенитет и да не одведам до победа на суд“, напиша тој во објавата на „X“.

ACLU, од своја страна, вети дека „нема да отстапи додека овој екстремен антиимигрантски закон не биде засекогаш укинат“.

Тројцата либерални судии на судот – Соња Сотомајор, Елена Каган и Кетанџи Браун Џексон – гласаа против законот. Сотомајор предупреди деја законот може „да ги наруши чувствителните односи со странство, да ги попречи активните напори на федералните власти“ и да ги спречи мигрантите да пријават злоупотреба или трговија со луѓе.

SB4 им дава овластување на локалните и на државните полицајци да го запрат и уапсат секој осомничен дека илегално ја преминал границата, освен во училиштата, здравствените установи и местата за богослужба.

Казните ќе се движат од прекршоци до кривични дела и потенцијална затворска казна или парични казни до 2.000 американски долари. Казните за оние кои илегално повторно ќе влезат во Тексас откако ќе бидат депортирани може да одат до 20 години затвор, во зависност од миграциското и криминалното досие на лицето.

Министерствито за правда тврди дека SB4 го нарушува овластувањето на федералната влада да ја обезбедува границата со САД. Дополнително, администрацијата на Бајден предупреди дека тоа може да им наштети на односите со Мексико, кое го осуди законот како „антиимигрантски“.

Анкетата на „Галуп“ објавена во февруари покажа дека речиси една третина од Американците веруваат оти нелегалната имиграцијата е најголемиот проблем со кој се соочуваат САД, пред владата, економијата и инфлацијата.

 

Слични содржини