Селекторот на српската фудбалска репрезентацијам Драган Стојковиќ Пикси, пред пријателскиот натпревар со Русија изјави дека сака да се држи само до спортските работи и да го цени следниот противник, пренесува „Спорт клуб“.
Ова ќе биде првпат руската фудбалска репрезентација да игра против европска репрезентација откако пред две години беше исфрлена од УЕФА и ФИФА поради политичките санкции.
„Знам за паузата што ја има Русија, но не би навлегувал во тоа. Единствено што знам е дека дојдовме да одиграме квалитетен натпревар против силна репрезентација. Нема никаква врска тоа што Русија две години не игра европски натпреварувачки игри. Тоа е исклучително силен тим, со брзи играчи. И ќе биде многу тежок натпревар за нас, пред се добар тест. Ние се држиме до спортот“, рече Стојковиќ на почетокот на прес-конференцијата во Москва.
Пикси истакна дека е запознат со квалитетите на следниот противник.
„Селекторот Карпин форсира модерен стил на фудбал во формацијата 4-3-3. Претпоставувам дека нема да промени ништо. Нè очекува тежок натпревар и ќе се обидеме да пробаме некоја од нашите варијанти. Сметам дека Русија е исклучително квалитетна репрезентација. Тие се одлични како тим, а имаат и навистина извонредни поединци,“ посочи тој.
Интересно е што рускиот тренер Карпин е голем пријател со помошникот на Стојковиќ, Горан Ѓоровиќ.
„Мило ми е кога ќе видам големи имиња на тренерската позиција. Карпин остави голема трага и овде и во Европа, особено во Шпанија. Тој е голем пријател со Ѓоровиќ. Горан ми кажа многу убави работи за него, дека е навистина прекрасен човек“.
Душан Влаховиќ и Никола Миленковиќ нема да ѝ бидат на располагање на српската репрезентација за овој натпревар.
„Имаме проблем што Влаховиќ не е тука, со нас не е ниту Миленковиќ. Но, имаме и играчи кои ќе влезат во комбинација. Не сум оптоварен со резултатот, но сакам да видам тим кој мора да биде на високо ниво. Токму поради тоа што не очекува во Германија на ЕП“.
На констатацијата дека Русија ќе ја „глуми“ Словенија, Пикси имаше подготвен одговор:
„Повеќе потсетува на Англија и Данска. Словенија не игра во тој систем“.
Селекторот на српската репрезентација откри и дека Србија во Москва ќе ја има поддршката и од српската фудбалска легенда Предраг Мијатовиќ.
„Уште едно големо име. Поранешен играч на Реал, да не зборуваме за неговата кариера. Значи ќе имаме спектакл со многу важни луѓе. Мислам дека секој ќе ужива во тоа што ќе го види“, заклучи Драган Стојковиќ.
Натпреварот меѓу Србија и Русија се игра од 21 часот на стадионот на Динамо „Лав Јашин“ во Москва.