Интервју со Ангеловски: Наместо ветувањата за плати од над илјада евра, учесниците во изборите треба да имаат реални економски програми

од Vladimir Zorba
727 прегледи

Во долгата низа на повеќеслојни причини кои ја поттикнуваат инфлацијата и растот на цените, претседателот на Сојузот на стопански комори- Трајан Ангеловски го издвојува растот на платите како една од подоминантните.

Потребата од почитување на економската логика ја посочува и во однос на цените на прехрамбените производи кои се често поскапи во македонските отколку во европските маркети. Како основна причина го издвојува фактот дека во македонската царинска тарифа постојат царини за одредени производи кои се повисоки од европските.

„Одредени суровини и репроматеријали се царинат со повисоки стапки и затоа крајниот производ е поскап спореден со европските маркети. Оттаму не секогаш станува збор дека само трговците ги диктираат цените, тоа е цел ланец кој ја формира крајната цена, од влез на репроматеријали, логистичките ланци па се до производ на полиците. Апелирам да бидеме внимателни и државата да ги балансира царинските стапки да бидат на ниво на ЕУ.“, вели Ангеловски.

Во вакви услови и поразително мал раст раст на економијата во последниот квартал од само 0.9 % , Ангеловски повикува на внимателност во лицитирањето околу висината на платите кои „од ракав“ ја даваат партиите пред изборите .

„Моето очекување од сите учесници во изборите е да имаат реални економски програми, во кои ќе дадат реални и економски издржани ветувања. Ние сме пресериозно оштество и поминаа времињата кога се ветуваа милијарди а потоа се утврди дека тоа е нереално и не може да се исполни“, вели Ангеловски.

Дали сметате дека со новиот закон за нефер трговски практики ќе се воведе контрола која според дел од добавувачите конечно треба да ги постави правилата на игра бидејќи според нивните кажувања, некои компании со доминантна позиција непречено користеленеконкурентски поволности?

-Нашата Комора го поздравува носењето на Законот. Сметаме дека ќе помогне во регулирање на состојбата и дека ќе допринесе кон овозможување на фер економски натпревар помеѓу економските оператори. Меѓутоа мора да бидеме внимателни, бидејќи овој закон сметаме дека нема да ги реши проблемите со инфлацијата и растот на цените за кои постојат две главни причини зошто се случуваат. Едната се светските влијанија предизвикани од војни, светската инфлација, подигање на цените на одредени стратешки производи и втора причина, која можеби во македонскиот случај е подоминантна, е подигање на платите и креирање на инфлаторен бран во нашата економија. Очекуваме дека законот ќе помогне но нема да претставува решение за растот на цените и она што се случува на пазарот каде по логика на нештата државата ниту има реални механизми ниту може и смее да ги органичи цените, затоа што со евентуално масовно ограничување може да предизвика недостиг на одредени производи во продавниците што веќе го гледавме во одредени случаи.

Дали со ова законско решение потрошувачите „ќе здивнат“ од нереалниот раст на цените, особено на прехрамбените производи, и дали ќе се спречат манипулациите во синџирот на снабдување и препродажба?

-Доколку извршиме спроедба на одредени прехрамбени производи во нашата земја и во одредени еврпски земји, можеме да забележиме дека постои разлика во цените на пазарот. Многу често ваквите разлики во цени помеѓу македонскиот и европскиот пазар првенствено се должат на неразвиениот пазар, недоволната конкуренција и најбитно што во македонската царинска тарифа постојат царини за одредени производи кои се повисоки од европските. Па така одредени суровини и репроматеријали се царинат со повисоки стапки и затоа крајниот производ е поскап спореден со еврепските маркети. Оттаму не секогаш станува збор дека само трговците ги диктираат цените, тоа е цел ланец кој ја формира крајната цената, од влез на репроматеријали, логистичките ланци па се до производ на полиците. Апелирам да бидеме внимателни и државата да ги балансира царинските стапки да бидат на ниво на ЕУ.

Колкав е просторот за „маневрирање“ на стопанството во овој период околу изборите и кои чекори според Вас треба да се превземат во рамки на економијата веднаш по изборот на новата Влада која и да биде?

-Ние сметаме дека настапува еден прилично деликатен временски период каде во неколку многу битни месеци во работењето, општеството ќе биде окупирано со изборни активности а тоа значи дека постојат реални ограничувања во на пример неможност за објавување тендери, реализирање на некои активности кои во нормални случаи се извршуваат. Сметаме дека ова ќе има значително влијание во економското работење во 2024 г. Новата Влада од првиот ден треба да се зафати со сериозни структурни реформи на кои ние како Комора континуирано инсистираме, а тоа пред се значи кратење на непродуктивните трошења, приватизација или рационализација на одредени несуштински сектори во македонската економија во кои еден дел сопственик е државата а во друг дел се ЈП итн. Мора сериозно да ја сфатиме работата бидејќи нашата економија во овој момент има еден од најслабите економски резултати во Европа. Ако не влеземе во суштински реформи и нешто не промениме во работењето, не треба да се очекува реален оптимизам дека работите ќе се подобрат.

Пред избори, партиите буквално лицитира со платите. 1.000 евра, 1.500 евра. Претседателот на СДСМ, Ковачевски изјави дека бизнисот може да издржи минимална плата од 600 евра, а еден од аргументите е дека најголем дел од приватните компании платите ги имаат димензионирано над нивото на минималната плата. Кој е Вашиот став?

-Лицитирањето со висината на платата е економски ризична мерка бидејки реалниот раст минатата година бил 1,5 %. Во последниот квартал е 0.9 %. Ако растот на економијата е 0,9 %, не можам да сфатам од каде би дошле вака големи зголемувања на платите? Растот на платите треба да ја следи продуктивноста и растот на економијата. Ако направите избрзан чекор и ги подигнете платите, и со тоа извршите притисок на економијата на нереални рамки, може да се врати како бумеранг со многу штетни последици. Во минатото го видовме тоа, може да се јават штрајкови во одредени сектори, блокирање на работата.., Мислам дека си играме со многу сериозна работа. Моето очекување од сите учесници во изборите е да имаат реални економски програми, во кои ќе дадат реални и економски издржани ветувања. Ние сме пресериозно оштество и поминаа времињата кога се ветуваа милијарди а потоа тие се утврди дека тоа е нереално и не може да се исполни. Сите ние патуваме, гледаме како функционира остатокот од светот. Ни требаат реални ветувањата и реални мерки по изборите.

Растот на македонската економија од 0,9% за последниот квартал е навистина поразителен и технички гледано може да се смета како статистичка грешка. Инфлацијата е повисока од растот па така овие бројки кои се објавуваат нас навистина не не изненадуваат. Нема капитални инвестиции, економијата не расте, едноставно нема од каде да ги платите работниците. За очекување е и фактот дека се намалува и активното работоспособно населени. Сето ова покажува дека вредностите кои ги создава македонската економија се неповолни.

Дел од секторите, особено градежниот изрази стравување дека голем дел од нашите работници ќе побараат вработување на единствениот пазар на работна сила во рамки на „Отворен Балкан каде можат да заработат повеќе“. Дали навистина има простор за загриженост?

-Мислам дека ова стравување е мнoгу реално. Останатите две економии во иницијативата Отворен Балкан се во многу подобра кондиција и имаат многу подобри градежни, инфраструктурни проекти за кои се потребни квалитетни работници и работна сила. Кога вие реално немате проекти во економијата особено во градежништвото, за очекување е дека не можете да ги платите работниците онолку колку што можат вашите конкуренти кои имаат добри и скапо платени проекти. Загриженоста е многу реална од економска гледна точка и за очекување е дека ќе се случи одреден број рабоници, компании и подизведувачи да се преориентираат на некој од соседните пазари и да почнат да работат. На долг рок подобро е да се работи во странство на квалитетни проекти, отколку да седите дома без реална перспектива и квалитетно извршените работи.

Колкави се шансите за нашите компании на настапат на пазарите во Србија и во Албанија и каде ги препознавате најголемите шанси за нивен „пробив“?

-Треба да ја напуштиме старата македонска поговорка, дека се радуваш кога на комшијата не му оди добро. Во економијата важат други правила и законитости. Ако нашиот сосед е во добра кондиција, дел од таа кондиција може да се прелее кај нас преку отстапување, пласирање вишок работи кои не можат да ги завршат во одреден временски период, одредени наши компании можат да бидат подизведувачи..сакаме да имаме соседи кои се во добра економска кондиција и сакаме да се интегрираме со нив, затоа шо сигурно ќе имаме бенефит од таквата состојба.

К.В.С.

Слични содржини