Нова иницијатива до Уставен суд за Законот за облигациони односи – членот 368 ги дискриминира доверители

од Vladimir Zorba
187 прегледи

Фаворизирање на должниците наместо нивна законска заштита и низа други последици кои се спротивни на Уставот се причина за поднесување на нова Иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста на Законот за облигациони односи. Иницијативата се однесува на членот 2 од Законот за измени и дополнувања на ЗОО каде е наведено дека членот 368 се менува. Со овој член се предвидува застарување на побарувањата постари од 10 години.

Во иницијативата се наведува: „со промената на оваа одредба категоријата на правни и физички лица, кои се доверители ќе бидат ставени во нерамноправна положба со што ќе се предизвика нивна дискриминација, за сметка на други правни и физички лица кои се должници кои ќе бидат привилегирани и ставени во поповолна положба“. Покрај тоа се наведуваат и низа недоречености и контрадикторности на други конкретни одредби во законот.

Адвокатот Љупчо Кузмановски ја поднесе новата иницијатива до Уставниот суд, а ова е втора иницијатива за преиспитување на уставноста на Законот за облигациони односи. Минатиот месец до Уставниот суд беше поднесена иницијатива за истиот член од овој закон од страна на Предраг Баришиќ.

„Поаѓајќи од фактот дека Уставот е највисок правен акт и дека сите закони, подзаконски акти и пишани правила треба да бидат во согласност со Уставот, подносителот на оваа иницијатива смета дека потребно е оценка на уставноста на членот 2 од изменувањата и дополнувањата на Законот за облигационите односи“, се вели во иницијативата поднесена од адвокатот Љупчо Кузмановски.

Допис со назнака за селективност на законските решенија е испратен до Државниот завод за ревизија, а писмо е испратено и до кабинетот на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска и до Министерството за правда. Приватниот сектор смета дека ваквите законски решенија им овозможуваат на должниците и од приватниот и од јавниот сектор да бидат во привилегирана положба и им овозможуваат да не мора да ја платат својата набавка и според член 368 ст.3 од ЗОО тоа да застари, при што товарот паѓа на доверителите односно на компаниите, а голем дел од малите приватни фирми заради овие причини ќе се затворат.

За штетните последици од измените на Законот за облигациони односи кои се смета за еден од клучните системски закони реагираше и Стопанската комора на Македонија, која истакна дека со оваа регулатива се погодени сите сектори во земјава, без исклучок. Кај дел од компаниите со овие законски измени се генерираат загуби по основ на отпис на долгови и по неколку милиони евра, што ќе се одрази негативно врз натамошното работење, а ќе влијае и врз зголемувањето на цените на услугите.

Претседателот на Комората Љубомир Михајлоски, во интервју во дневникот на МТВ, вчера истакна дека со Законот се привилегираат неплаќачите на долговите, а се оштетуваат доверителите, без разлика дали се работи за правни или физички лица. Тој посочи дека многу компании ќе имаат тешкотии во работењето и дека се нанесува голема штета во стопанството.

Допис со назнака за селективност на законските решенија е испратен до Државниот завод за ревизија, а писмо е испратено и до кабинетот на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска и до Министерството за правда. Приватниот сектор смета дека ваквите законски решенија им овозможуваат на должниците и од приватниот и од јавниот сектор да бидат во привилегирана положба и им овозможуваат да не мора да ја платат својата набавка и според член 368 ст.3 од ЗОО тоа да застари, при што товарот паѓа на доверителите односно на компаниите, а голем дел од малите приватни фирми заради овие причини ќе се затворат.

Слични содржини