Косово поздравува – Србија лута, но не излегува од Советот на Европа: „Единствено што може Белград да направи е да одбие формално признавање и да спречи прием во ООН“

од Nikola Popovski
1,3K прегледи

Вчера беше усвоен предлогот Косово да биде примено во Советот на Европа со 31 глас „за“. Од вкупниот број, четворица пратеници гласале против препораката на Дора Бакојани – двајца од Србија, по еден од Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека грчкиот претставник Алексис Ципрас бил воздржан. Ова не е крај на процедурата, со оглед дека конечната одлука ќе биде донесена во април. Следниот чекор е барањето на Косово да стане членка да биде разгледано на пленумот на ПССЕ и да се гласа, а седницата се очекува на 18 април. Конечниот збор за тоа дали Косово ќе стане членка на Советот на Европа ќе го даде Комитетот на министри на Советот на Европа.

Белград од закана за напуштање пред неколку дена до „полека да видиме кои се интересите денес“. За дел од тамошната српска експертска јавност, Србија никогаш не треба да преземе таков ризичен потег и да излезе бидејќи, како што велат, Советот на Европа е практично единствената преостаната форма на комуникација меѓу ЕУ и остатокот од Европа, дури и кога Русија и Белорусија се практично исфрлени од него. Според политичкиот аналитичар и професор Зоран Стојиљковиќ, НАТО, како и целиот колективен политички запад, го чуваат овој наш простор како зона на нивниот геостратешки интерес и нема да престанат да бидат тутор и ментор на независно Косово, но има и интерес Србија да не се сврти кон другата страна.

Зоран Стојиљковиќ

По логика на Александар Вучиќ, додава Стојиљковиќ, прашањето е колку е важен некој надвор од суперсилите или, на пример, зошто ЕУ толку лесно влезе во сервилна позиција кон САД и ја плати со рецесија по војната во Украина?

-Вучиќ предолго игра на среќа меѓу великаните, без да се консултира со никого во Србија. Ниту Вашингтон, ниту Москва не му веруваат, но не гледаат замена за него, бидејќи се чини дека успешно ја игра играта на зачувување на националниот интерес. Да потсетам дека граѓаните на Србија не се за влез во НАТО и не се за санкции против Русија затоа што тие самите ги трпеа, вклучително и бомбардирањето на НАТО, истакнува професорот во разговор за „Локално“.

По ваквиот развој на настаните, аналитичарот смета дека дијалогот меѓу двете страни ќе продолжи, а реакцијата е пред се насочена кон домашната јавност.

-Практично, единственото нешто што Србија може да одбие е формалното признавање на Косово, кое веќе навистина и не се бара од неа, како и да го спречи неговиот прием во Обединетите нации, оценува Стојиљковиќ.

На прашањето колку овој чекор е напред кон ескалација на тензиите и ситуацијата во Косово, соговорникот вели дека времињата се предизвикувачки бидејќи владеат оние кои имаат интерес да шират конфликти. Посочува дека Србија, пред се Србите на Косово, стотици илјади од нив, едноставно не можат да си заминат по сите помали или поголеми провокации, бидејќи тогаш сите дилеми и прашања околу Косово стануваат излишни.

-Да им се помогне е витален интерес на Србија и тогаш од таа гледна точка треба да се измерат ефектите од контрадикторните потези како што е бојкотот на изборите или скандалот во Бањска. Да го парафразирам Жарко Пуховски, кој своевремено ја имаше на ум позицијата на Србите во Хрватска, дека во моментот кога ќе паднат под три проценти од населението, Србите од политички се претвораат во само статистички факт, заклучува српскиот професор.

Н.П.

Слични содржини