Вредноста на акциите на компанијата за социјални медиуми на Доналд Трамп се зголеми за речиси 50 отсто на првиот ден од излегувањето на компанијата на берза, знаќително зголемувајќи ја вредноста на големиот удел на Трамп во компанијата и заработката на помалите акционери кои купија акции зав да му изразат поддршка на поранешниот претседател.
Медиумско-технолошката група на Трамп (Trump Media & Technology Group Corp.), чиј главен производ е социјалната мрежа Truth Social, беше купена од компанијата Digital World Acquisition Corp.
Пред да почне тргувањето, компанијата на Трамп имаше пазарна вредност од околу 6,8 милијарди долари. Во текот на денот вредноста стигна до речиси 9,6 милијарди долари, а вредноста на акцијата се зголеми за 47 отсто на 73,50 долари. Акциите се продаваат под името „ДЈТ“, а сопственичкиот удел на Трамп во компанијата е речиси 60 отсто.
Многу од инвеститорите во медиумската компанија на Трамп не се професионалци или трговци од големи институции, туку новајлии и помали трговци на берзата кои се обидуваат да го поддржат Трамп или, од друга страна, да заработат пари од моменталниот публицитет. Благодарение на нив, вредноста на акциите на Digital World годинава, додека се очекуваше да се спои со компанијата на Трамп, се зголеми повеќе од двојно.
Digital World е корпорација која припаѓа на група компании за купување посебни намкени, т.н. „бланко чек-компании“. Станува збор за компании кои немаат никаков бизнис план, а нивната основна цел е купување или спојување со други, приватни компании за да излезат на берзата, заобиколувајќи го комплицираниот регулаторен процес.
Инвеститорите, сепак, би можеле да наидат на проблеми бидејќи инвестираат во компанија со неизвесни шанси за профит. Trump Media загуби 49 милиони долари во првите девет месеци од минатата година, кога заработи само 3,4 милиони долари и мораше да плати 37,7 милиони долари за камати.
Социјалната мрежа Truth Social беше лансирана во февруари 2022 година, една година откако на Трамп му беше забранет пристапот на големите платформи како „Фејсбук“ и „Х“ откако неговите поддржувачи упаднаа во Капитол на 6 јануари 2021 година.
Трамп оттогаш се врати на двете мрежи, но се рекламира на својата Truth Social.
Компанијата на Трамп сè уште не го открила бројот на корисници на Truth Social иако тоа треба да се промени сега кога компанијата излезе на берза.
Истражувачката фирма Similarweb проценува дека Truth Social во февруари имала околу 5 милиони активни корисници на веб и мобилни телефони. Тоа е далеку под TikTok, кој има повеќе од 2 милијарди корисници или трите милијарди корисници на Facebook, но сепак повеќе од ривалите од светот на десничарските платформи, како што е Parler, кој е неактивен веќе една година, но планира да се врати, или Gettr, кој имаше помалку од 2 милиони посетители во февруари.