Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска информира дека е уапсено уште едно лице за убиството на матичниот лекар, Ацо Трповски, со што вкупната бројка на приведени е тројца. Претресот траел во текот на ноќта и завршен е.
-Се продолжува со други истражни дејствија за да се утврди фактичката состојба. Ќе информираме штом имаме дополнителни и нови информации, рече министерот при посетата на СВР Струмица.
Од МВР велат дека преземени се 20 истражни дејствија за овој случај.
Вчера беше соопштено дека две лица се осомничени. Министерот додаде дека според првичните наоди, мотивот за убиството не е поврзан со професијата.
Претходно беше соопштено дека инспекторите за насилен криминал прегледале повеќе од 40 снимки од безбедносни камери, а разговарале и со повеќе од 15 луѓе во обид да го идентификуваат убиецот. Се анализирале и доказите собрани од увидот на самото место.
67-годишниот лекар со убодни рани беше пронајден во сопственото возило „киа“ на паркингот пред поликлиниката „Железара“. Го пронашол неговиот син, кој тргнал да го бара, откако тој не вратил дома по завршување на смената. Кога пристигнале лекарите од итната медицинска помош било доцна. Констатирале смрт, а по налог на обвинител телото го предале за обдукција.