Зошто двапати годишно ги поместуваме стрелките од часовниците: „Здравствени последици и политичка позадина“

од Nikola Popovski
505 прегледи

Секоја пролет, часовниците во многу земји во светот се поместуваат за еден час нанапред, од 2 до 3 часот, за на есен, на крајот на октомври, да се вратат по старо. Оваа практика нашироко се смета за контроверзна. Од една страна, во последниот викенд од март, помеѓу сабота и недела, спиете еден час пократко, што ќе ви се надомести дури по шест месеци.

Студија објавена од Американскиот економски журнал во 2016 година дури тврди дека недостатокот на сон поради поместувањето на стрелките предизвикува зголемување на сообраќајни несреќи со смртен исход.

Сепак, има поборници на оваа практика, кои укажуваат на предноста од подолги денови, односно дневна светлина, во пролет и лето, пренесува „N1“.

Заштедата на енергија всушност беше причина за воведувањето на оваа мерка, но новите студии покажуваат дека нејзиното влијание врз потрошувачката на енергија сега е занемарливо, благодарение на технолошкиот напредок.

Летното сметање на времето за прв пат беше воведено од Германија во 1916 година, за време на Првата светска војна, кога Германија се обиде да ја намали потрошувачката на јаглен за да може да го користи за своите фабрики за оружје. Самата идеја потекнува од Бенџамин Френклин, во далечната 1784 година, кој во тоа време бил американски амбасадор во Париз. Имено, тој случајно се разбудил едно утро во шест и видел – сонцето. А потоа пресметал колку свеќи и масло за светилки може да се заштедат со поместување на часовникот.

Многу соседни земји, како и Британија, САД и Австралија, набрзо ја прифатиле оваа практика. Русија ја прифатила во 1917 г.

Во голема мера беше напуштен во Европа по Втората светска војна, но се врати во 1970-тите за време на нафтената криза, сега за да се намали потребата за вештачко осветлување, а со тоа и користење на извори на енергија.

Досега, стандардното, постојано зимско сметање на времето се користи само во два дела на САД, поголемиот дел од Аризона и Хаваи.

Додека остатокот од САД ќе се префрли на летно сметање на времето во последниот викенд од март, поголемиот дел од Мексико го прескокна за прв пат минатата година, прифаќајќи постојано зимско сметање на времето. Сепак, некои региони кои граничат со САД, како и северната половина на Долна Калифорнија, одлучија да се придржуваат до летното сметање на времето.

Канадските провинции Саскачеван и Јукон, со неколку исклучоци, во меѓувреме имаат усвоено постојано летно сметање на времето низ нивните територии.

Сите земји од ЕУ, но и многу кои не се членки, вклучително и Македонија, продолжуваат да го менуваат  часовникот двапати годишно. Надвор од Европа и САД и Канада, поместувањето на стрелките се практикува и во Парагвај, Чиле, Куба, Хаити, Левант, Нов Зеланд и делови од Австралија, пишува „Statista“.

Русија и поголемиот дел од Азија, речиси цела Латинска Америка и северните и јужните делови на Африка престанаа да ги помествуваат своите часовници, како и Исланд и Гренланд од минатата година.

Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин во 2014 година да го прекине летното сметање на времето поттикна многу земји ширум светот да почнат да размислуваат да го следат истиот пат.

Какво време го сака Европа?

Вво март 2019 година, Европскиот парламент гласаше за укинување на летното сметање на времето во 2021 година.

Но, неопходно е да се договорат и Европскиот совет и Европскиот парламент за да се донесе законот, кој е неопходен за да се прекине движењето на часовникот.

ЕУ за прв пат донесе закон за летно сметање на времето во 1980 година за да ги координира постоечките национални практики и да помогне да се обезбеди непречено функционирање на единствениот пазар. Сегашната директива стапи на сила во 2001 година, а според нејзините одредби, сите земји членки последниот викенд во март преминуваат на летно сметање на времето, а последниот викенд во октомври се враќаат на зимско сметање на времето.

Во последниве години, поради сè повеќе студии кои укажуваат на долгорочните последици од оваа практика врз здравјето на луѓето, како што се депресија, забавен метаболизам, зголемување на телесната тежина и чести главоболки, се почести се повиците за нејзино укинување.

Европската унија беше на добар пат да го направи тоа, а со неа и Македонија.

Сепак, пандемијата на коронавирус следеше во 2020 година, а во повеќето европски земји беа воведени строги епидемиолошки мерки, па менувањето на часовникот тогаш не изгледаше како еден од приоритетите. Потоа, во февруари 2022 година, Русија ја нападна Украина и следеа две години глобална нестабилност, со пораст на цените на храната и енергијата, а стрелките на часовникот повторно не беа на дневен ред.

Сепак, прекинувањето на оваа практика не е лесно и потребни се многу одлуки на високо ниво, бидејќи времето е многу политичко прашање.

Земјите од Бенелукс, Франција и Шпанија се совршени примери за ова.

Моментално имаат три временски зони во Европа, при што повеќето земји го користат „Централно европско време“ како стандардно.. Десет земји користат „источно европско време“, а три користат „западно европско време“.

Логично, времето треба да се постави со меридијани. Велика Британија и Мароко, на пример, се порамнети, додека европските земји географски меѓу нив на истиот меридијан, вклучувајќи ги Франција, Германија и земјите од Бенелукс, се еден час понапред.

Апсурдно е и тоа што иако Шпанија и Португалија се граничат меѓу себе, тие не се во иста временска зона.

Како што наведуваат од Европската комисија, земјите-членки треба да одредат кое време сакаат да го усвојат, иако тоа треба да се базира на географската локација на земјата.

„Затоа, секоја земја-членка е во најдобра позиција да ја направи оваа проценка, земајќи ги предвид можните сценарија за избор на трајно правно време, нивните ефекти, резултатите од националните дијалози и консултациите со другите членки“, велат од Комисијата.

Од друга страна, европратениците бараат Комисијата да го направи ова, „да ја погледне во мапата и да излезе со предлог“, за да ги забрза и посредува преговорите меѓу земјите-членки.

Прво, зависи од европските земји дали ќе се придржуваат до стандардното, зимското или ќе изберат летно сметање на времето.

-Координацијата е од суштинско значење за да се осигури дека директните соседи кои го делат меридијанот го избираат истото стандардно време, со што ќе се избегне крпеница од временски зони, така што ќе изгледа повеќе или помалку хомогено, без да се загрози пазарот и трговијата во земјите-членки, изјави за „Euronews“, Аријадна Гуељ од Барселона, координаторка на Иницијативата за користење на времето во Барселона.

Оваа иницијатива има свој предлог европските земји да се поделат на четири различни временски зони, главно врз основа на тековното зимско време.

Како што наведуваат, тоа гарантира дека секоја земја напладне го има сонцето на највисоката позиција.

„На тој начин можеме да го искористиме максимумот од нашите животи. И, исто така, затоа што таква е хронобиологијата, науката што проучува како нашиот внатрешен ритам влијае на нашето здравје. Тоа, како што велат, е најдобро за нашето колективно здравје“, рекла Гуељ.

Слични содржини