Во последните израелски напади загинаа 77 Палестинци во Газа во изминатите 24 часа, соопштија тамошните здравствени власти, додека Египет беше домаќин на израелска делегација за нова рунда разговори во обид да се обезбеди примирје со Хамас во Газа.
Израелската армија објави дека убила висок командант на Исламски џихад во напад на команден центар во дворот на болницата Ал Акса во центарот на Газа.
„Командниот центар и терористите беа прецизно погодени, со намера да се минимизира штетата меѓу невините цивили во областа на болницата“, соопшти Израелскаta армија.
„Зградата на болницата Ал Акса не е оштетена и нејзиното функционирање не е загрозено“, додаваат оттаму.
Исламски џихад, милитантна група и сојузник на Хамас, сè уште не ги коментираше ваквите информации.
Палестинските здравствени власти и медиумите на Хамас соопштија дека при нападот погодени се неколку шатори во кругот на болницата, при што загинале четворица, а неколкумина се ранети, меѓу кои и пет новинари.
Повеќе од 32.000 Палестинци се убиени во израелската воена офанзива во Газа од 7 октомври, според податоците на здравствените власти во палестинската енклава.