Двајца приведени за пукањето врз градоначалникот на Арачиново, се трага по напаѓачот

од Nikola Popovski
241 прегледи

Две лица се приведени под сомнение за помагање во врска со инцидентот кој се случи во Арачиново во кој настрадаа две лица. Извори од МВР велат дека полицијата се уште е на терен и се прават напори да се идентификува и приведе напаѓачот кој пред два дена со автоматска пушка отвори оган врз градоначалникот Ридван Ибраими, кој доаѓа од редовите на ДУИ. Ибраими помина без повреди, но со огнострелни рани завршија негови соработници. Од Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ велат дека пациентот што кај нив е згрижен, се опоравува и наскоро ќе си оди дома.

Се проверуваат безбедносните камери, но и нерасчистените релации коишто ги имал градоначалникот од порано со лица коишто му се заканувале.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска кусо одговори на новинарско прашање споменувајќи го името на поранешниот градоначалник на Арачиново.

„Мислам дека претходно беше разговарано за да се надминат разликите меѓу Ајвази и градоначалникот на Општината, го направивме невозможното, но се што направивме не успеа“, рече Ахмети и нагласи дека верува оти случајот нема политичко-партиска заднина.

Пукотниците во скопско Арачиново, повод и за меѓупартиско препукување. Социјалдемократите вината ја лоцираат во ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека секогаш кога партијата е на чело на МВР се влошува безбедносната состојба во Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ пак одговараат дека СДСМ е креатор и логистичар на криминалните банди на ДУИ кои се пресметуваат меѓу себе.

Вооружениот напад го осудија и од ЗЕЛС.

„Ова не е прв пат во нашата земја да се посегне по животот на градоначалник, токму при извршувањето на неговите работни обврски. Затоа бараме надлежните институции да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на случајот со цел ова никогаш повеќе да не се повтори“, стои во реакцијата на ЗЕЛС.

Слични содржини