Села стана легитимен претседател на Алијанса, Таравари најави жалба

од Nikola Popovski
482 прегледи

Судот во Тетово ја прифати регистрацијата на Зијадин Села за претседател на Алијансата за Албанците. Села ги добил печатите на партијата, што значи и официјално е претседател на партијата, со што се решава спорот меѓу двете крила на партијата, кои се разделија пред два месеци.

Од крилото на Арбен Таравари информираа дека за одлуката не добиле официјална потврда.

Одлуката за тоа кој е легитимен претседавач на Алијансата за Албанците мораше да ја донесе Основниот суд во Тетово, откако неговиот претседател Таравари ги повика партиските власти да го поддржат во одлуката да учествува на изборите со опозициските партии на Албанците. На овој повик се спротивстави Села од функцијата претседател на Централното собрание на партијата, аргументирајќи со одлуката на партиските органи – АА да излезе сама на претстојните избори.

Следуваа два состаноци на Централното собрание на партијата и два конгреса на Алијансата за Албанците. Од крилото на Таравари ја потврдија одлуката да биде претседател на партијата и да се тргне функцијата на Села од Статутот на АА. Конгресот на крилото на Села, пак, го разреши Таравари од функцијата претседател и го избра Села на таа функција. Така, двете крила на партијата, тврдејќи дека се легитимни претставници на партијата, влегоа во подготовки за изборите, а додека судот донесе одлука, поради роковите во законот, крилото на Таравари влезе во коалиција со албанските опозициски партии, додека крилото на Села потпиша коалициски договор со ДУИ.

Велат дека денеска добиле печати од Алијансата за да ги дадат на ДУИ. И да е вистина, ќе се жалиме ама и да ги добијат со заробениот систем што го имаат во рака, имам прашање, што е со народот?! Без вера, со ниеден суд не можете да го освоите народот. Промената започна и нема печат што ја спречува, напиша Таравари на Фејсбук.

Слични содржини