Заменикот-министер за внатрешни работи во техничката влада, Митко Бојмацалиев демантира дека има уапсени лица поврзани со неуспешниот атентат врз градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими.
Според Бојмацалиев, има едно лице уапсено при рутинска контрола на границата со Косово, додавајќи дека лицето не е поврзано со пукањето во скопската општина.
-Таму е уапсено едно лице барано по меѓународна потерница. Напаѓачите се уште на слобода. Има осомничени лица, но јавноста треба да знае дека мораме да бидеме транспарентни. Вчера некои структури се обидоа да создадат слика дека имаме уапсени лица за убиството. Засега нема приведени за случајот, информира заменикот-министер во емисијата на „Слободен печат“.
Вчера дел од медиумите пренесоа, според извори од МВР, дека две лица се приведени под сомнение за помагање во обидот за атентат врз градоначалникот. Беше истакнато дека полицијата се уште е на терен и се прават напори да се идентификува и напаѓачот кој пукал со автоматска пушка.