Димитриевски предлага уставни измени кои ќе стапат на сила откако Македонија ќе стане членка на ЕУ

од Nikola Popovski
223 прегледи

Измени на Уставот, со кои во основниот закон на земјата ќе бидат вклучени Бугарите, Хрватите и Црногорците, а кои ќе стапат на сила „со одложено правно дејство“ кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ, ќе предложи „во првите 200 дена“ од евентуалниот претседателски мандат, кандидатот предложен од движењето ЗНАМ – Максим Димитриевски. Според него, тоа би било „во интерес на зајакнување на меѓусебната доверба и подобрување на билатералните односи со Бугарија“.

Димитриевски ја отвори својата изборна кампања во Крушево, претставувајќи ја својата програма, која има пет стратешки принципи и пет приоритети за неговите први 200 дена, доколку биде избран за претседател.

Уникатност во надворешната политика, глас на разумот и обединување, посилен во одбраната и безбедноста, силни институции за заштита на граѓанинот и државата, емпатија и одговорност се принципите на кои посочи Димитријевски.

„Ќе ја зајакнам улогата на претседателот во надворешните односи, ќе поттикнувам и одржувам редовен, конструктивен и аргументиран дијалог со политичките субјекти за да се постигне разбирање и договор за клучните цели на државата во надворешната и внатрешната политика, како врховен командант. Ќе работам на зајакнување на капацитетот на македонската армија и ќе вложам максимални напори да го валоризирам нашето членство во НАТО“, изјави Димитриевски од Крушево.

Меѓу неговите приоритети, тој го посочи создавањето на специјален експертски тим за преговори со ЕУ, правен тим за примена на меѓународното право, како и национална стратегија за борба против политичката корупција.

„Евентуални предлози за уставни измени кои би се однесувале на бришење на формулацијата „јазикот кој го говорат 20 проценти“ и менувањето на сегашниот начин на избор на претседател на Републиката, за нас се неприфатливи бидејќи ги подриваат фундаментите на кои почива Охридскиот рамковен договор за кој сметам дека е сто проценти реализиран“, рече Димитриевски.

Денеска е вториот ден од претседателската кампања во земјава. Во првиот круг од претседателските избори на 24 април, граѓаните ќе можат да избираат меѓу седум кандидати.

Слични содржини