Пронајдени се двајцата велосипедисти кои се загубиле вчера на планината Беласица, некаде над село Банско, информираат од Центарот за упрување со кризи (ЦУК). Случајот бил пријавен вчера попладне во Регионалниот ЦУК Струмица на бројот за итни повици 112.
-Веднаш била пратена патрола од гранична полиција и стапиле во контакт со двајцата велосипедисти. Околу 19.30 часот биле спуштени велосипедистите со помош на гранична полиција на безбедно и пред да настапи ноќта, се вели во соопштението.
ЦУК информира дека поголем број неексплодирани убојни средства, конкретно 80 минофрлачки гранати од 60 милиметри од Првата светска војна биле пронајдени во село Рибарци, Општина Новаци.
Регионалниот ЦУК Битола појаснува дека тие безбедно биле подигнати и отстранети од страна на овластениот пиротехничар од ДЗС Битола.