Проширувањето на ЕУ треба да се заснова на јасни принципи, земајќи ги предвид сопствените заслуги на секоја земја во процесот на интеграција. Усогласеноста со овој принцип е гаранција за одржување на стабилноста и безбедноста во Европа. Ова го изјавил претседателот на Бугарија, Румен Радев на средбата со комесарот за проширување и соседска политика на Европската унија, Оливер Вархеји, кој е во работна посета на нашиот источен сосед.
Според тоа што го пренесуваат бугарските медиуми, тема на разговор на двајцата соговорници бил и евроинтегративниот пат на Македонија. Радев изразил очекување дека по завршувањето на изборниот процес во земјава, „политичката ситуација ќе овозможи целосно спроведување на европското решение од јули 2022 година“.
-Изјавите на водечките политички личности во РСМ, дадени за време на кампањата која е провокативен карактер, не помагаат да се зајакне дијалогот меѓу нашите две земји, рекол шефот на бугарската држава, пренесува „БНР“.
Радев додал дека добрососедството е главен аспект во процесот на проширување и ја истакнал подготвеноста на Бугарија, како што додава, „без оглед на негативните пораки од Скопје, да ги обнови напорите за конструктивна билатерална соработка“.
-Евроинтеграциите на Западен Балкан немаат алтернатива и напредокот на земјите од регионот не треба да падне надвор од фокусот на европските институции, посочил бугарскиот претседател.
Радев и Вархеји разговарале и за перспективите на процесот на проширување, како за Западен Балкан, така и за Украина, Молдавија и Грузија. Констатирајќи ги разликите во геополитичкиот контекст во кој се наоѓаат поединечните земји-кандидатки, двајцата истакнале дека пристапувањето на секоја земја во ЕУ се заснова на сопствените заслуги врз основа на исполнувањето на јасни и недвосмислени критериуми и услови кои им се добро познати на сите земји.