Бостон Селтикс задржа бек со договор вреден 135 милиони долари

од Vladimir Zorba
149 прегледи

Бекот на Бостон Селтикс, Џру Холидеј се согласил на нов четиригодишен договор со раководството на тимот, изјави неговиот агент Џејсон Глушон за ESPN.

Договорот е вреден вкупно 135 милиони долари и ќе стапи на сила од стартот на новата сезона 2024/25.

Холидеј (33) пристигна во Бостон кон крајот на минатото лето во трејдот со Портланд Трејл Блејзерс кој ги испрати Малколм Брогдон и Роберт Вилијамс кај „пионерите“.

Холидеј е еден од најдобрите дефанзивци меѓу бековите во Националната кошаркарска асоцијација. Тој е двократен ол-стар и три пати избран во Најдобрите одбранбени тимови во НБА и шампион во 2021 година со Милвоки.

Неговото доаѓање во Бостон им помогна на „келтите“ да го обезбедат првото место во регуларниот дел од сезоната. На три натпревари преостанати, тие имаат 62 победи и само 17 порази, шест повеќе од лидерот во Западната конференција Денвер Нагетс и 13 повеќе од второпласираниот Милвоки во Источната конференција.

Кај тимот на Бостон, Џру Холидеј просечно бележеше 12,5 поени, 5,4 скока и 4,9 асистенции по натпревар.

Слични содржини