Француските медиуми насобраа критики за ѕвездата на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе за неговиот настап против Барселона во синоќешниот пораз од 2:3, а нивните оценки радосно ги цитираше каталонскиот печат.
Во текот на целиот натпревар, 25-годишниот париски фудбалер, од кого се очекуваше многу, беше тотално безличен, неговата статистика зборува елоквентно. Мбапе немаше прецизен удар кон голот на Тер Штеген, заврши само еден од неговите пет дриблинзи и освои само два од десетте дуели во кои влезе.
Престижниот „Екип“ во оваа прилика напиша: „Не можеше да ја пробие цврстата одбрана на противникот. Често избегнуваше дриблинг и се одлучуваше за додавање, без многу инспирација. Како резултат на тоа, тој не беше многу опасен и не ја направи разликата, дури и ако беше вклучен во голот на Дембеле во 48. минута“. Исто така, се додава дека притисокот врз Мбапе од Роналд Араухо и Жил Кунде исто така имал голема врска со лошиот настап на Французинот.
Весникот „Паризиен“ ја опиша големата ѕвезда на ПСЖ како „отсутен“ и му даде оценка од само 3 од можни 10, а само Марко Асенсио и Лукас Бералдо се оценети послабо.
И „Фигаро“ ја критикуваше играта на Мбапе, како и настапот на голманот Џанлуиџи Донарума. „Досадни лидери, доста е, мора да се разбудиме“, пишува изданието.
„Бројките на Мбапе се главоболка, и тоа не на добар начин: 13 загубени топки, ниту еден шут кон противничкиот гол од три обиди и само 44 успешни додавања вкупно. Потценување е да се каже дека тој беше неконзистентен. И како надополнување на се , Мбапе ја заврши својата вечер со лоша одлука во продолжението од мечот, претпочитајќи да шутира и беше блокиран, наместо да го бара Баркола на левата страна од шеснаесетникот, кој беше сам“, додаваат од „Фигаро“.
Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике одби да го коментира настапот на Мбапе на прес-конференцијата по натпреварот, тврдејќи дека тој никогаш не ги индивидуализира своите анализи.