Најголема донација од ЕУ: Украина добива 56 борбени авиони од Грција

од Симе Стоиков
349 прегледи

Многу е веројатно Грција да одобри трансфер на 32 борбени авиони Ф-16Ц/Д во Украина, а се верува дека во Киев би можеле да бидат испратени и 24 авиони Мираж 2000-5 Мк.2, јавуваат грчките медиуми.

Се смета дека испраќањето на авионите Ф-16 е „речиси сигурно“, додека преговорите за француските Миражи се уште се во тек.

Како што се наведува, авионите од француско производство бараат одобрение од Париз, инаку Миражите би можеле да бидат продадени и на Индија, пишува грчки Њузбрејк.

Доколку се имплементира овој пакет, Грција ќе стане најголемиот меѓународен донатор на борбени авиони Ф-16 на Украина. Треба да се напомене и дека некои други извори велат дека Атина можеби ќе ги продаде тие авиони на Киев, наместо да ги донира. Но не се споменуваат конкретни суми засега.

Њузбрејк, исто така, тврди дека предметните борбени авиони претрпеле „две структурни надградби“ и дека „60 отсто од нивниот структурен век“ е веќе искористен.

Грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас денеска се сретна со холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен во Лариса, каде што разговараа за „важноста од зголемување на воената поддршка за Украина“, се вели во објавата на X. Тие не го спомнаа грчкиот план за испраќање Ф-16 во Украина.

Холандија, Данска и САД ја водат програмата за обука и испорака на Ф-16 во Украина, формирана во ноември 2023 година. Се очекува дека постари Ф-16 ќе и бидат донирани на Украина од најмалку три земји – Холандија (минимум 24 авиони, можеби и повеќе), Данска (19 авиони), Норвешка (засега неодреден број). Како потенцијален донатор се споменува и Белгија.

Портпаролот на американското Министерство за одбрана не сакаше да ја коментира веста за можна грчка донација бидејќи, како што рече, се уште не е официјална.

Слични содржини