Временските катастрофи и забрзаните климатски промени редовно ги погодуваат земјоделците, намалувајќи ги приносите и приходите, што ја чинеше Европа повеќе од 50 милијарди евра во 2022 година.
Временските феномени Ел Нињо и Ла Ниња влијаеја на производството на соја во Латинска Америка, инвазијата на Украина го наруши пазарот на жито, Индонезија забрани испорака на палмино масло во Европа, а климата во медитеранскиот регион се повеќе наликува на пустина.
Пред два месеци, 60 претставници на Европската унија, експерти за безбедност на храна, претставници на прехранбената индустрија и неколку новинари се собраа во Брисел да разговараат за овој проблем два дена, со цел да се подготви Европа навреме за можните предизвици во снабдувањето со храна, пишува Блумберг.
Во тоа време, неколку улици подалеку, незадоволните земјоделци протестираа против земјоделската политика на ЕУ.
„Очекувајте хаос“, предупредува Пјотр Магнузевски, научен директор на Центарот за системски решенија од Вроцлав.
Во изминатите четири години, неколку климатски, економски, политички и други шокови го потресоа начинот на одгледување, дистрибуција и консумирање храна, потсетува Блумберг. Пандемијата на коронавирус, руската инвазија на Украина и прекините во сообраќајот на клучните бродски рути ги нарушија синџирите на снабдување и ги зголемија цените. Екстремното и нестабилно време редовно го нарушува земјоделството.
Поради сето ова, официјалните лица повеќе не се прашуваат кога може да дојде до криза со храна, туку со колку кризи можат да се справат одеднаш.
Европа е еден од најголемите светски добавувачи на прехранбени производи, од житарки и млечни производи до свинско и маслиново масло.
Во просек, во 2021 година, само 14 отсто од потрошувачката на европските домаќинства отишле на храна, во Нигерија тој процент бил 60 отсто, а во Египет 40 отсто. Глобалниот индекс за безбедност на храната редовно ги означува европските земји како најбезбедни во светот.
Но, има пукнатини. Временските и климатските промени редовно ги погодуваат земјоделците. Трошоците за вештачко ѓубриво и енергија потребни за посевите и одржувањето на стаклениците се зголемија вртоглаво по руската инвазија на Украина.
Работите би можеле да станат уште покомплицирани во 2025 година. Според некои сценарија за кризата со храна за кои зборуваат официјални лица од Брисел, тие прикажуваат и вознемирувачки сцени, од грабежи на продавници до немири и судири со полицијата.
„Малку влади во Европа се подготвени да управуваат со идните кризи со храна“, тврди Крис Хегадорн, американски дипломат кој ја организираше работилницата.
„Последниве три години живееме во криза. Кризите ќе доаѓаат само побрзо и потешко“, тврди тој и додава дека треба да се направи повеќе за да се спречат посериозни последици.