Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, телефонски разговарал со својот унгарски колега Петер Сијарто и тоа го објави на својот Инстаграм профил, нагласувајќи дека Сијарто му рекол дека Унгарија ќе гласа против приемот на Косово во Советот на Европа (СЕ) и против резолуцијата за Сребреница во ОН.
„Имајќи ја предвид моменталната ситуација во регионот, му кажав на колегата дека Србија континуирано се залага за деескалација, зачувување на мирот и стабилноста во регионот, како и почитување на претходно постигнатите договори“, напиша Ивица Дачиќ на своја сметка.
„Министерот Сијарто ми повтори дека Унгарија е заинтересирана за успехот на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но дека постојаната намера на Косово да се приклучи кон меѓународните организации не помага на овој процес и потврди дека Унгарија ќе гласа против во Комитетот на министри на Советот на Европа во однос на членството на Косово и нема да ја поддржи резолуцијата за Сребреница во ОН, како и секој предлог што би довел до натамошна ескалација на тензиите во регионот“, напиша Дачиќ на својот Инстаграм профил.