Бочварски: 864 социјални станови за 864 македонски семејства од 2017 година до денес

од Vladimir Zorba
130 прегледи

„Подаваме рака на секого! Изградени 11 социјални згради. Распределени 9 социјални згради. 864 социјални станови за 864 македонски семејства се завршени или во градба од 2017 година до денес. 349 станови се веќе распределени на семејства на кои оваа државна помош целосно им го промени квалитетот на живот на подобро“, објави на социјалните мрежи министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски.

Тој додаде дека станува збор веќе изградени девет згради со социјални станови во Македонски Брод, Неготино, Струмица, Пробиштип, Виница, Свети Николе, Гостивар, Гевгелија и Демир Капија.

„Ова е социјална правда – системски да исправиме таму каде што некој бил обесправен од општеството, од околината или од транзицијата. Покрај социјалните станови, силен придонес кон праведноста во македонското општество беше и решавањето на статусот на повеќе од 13.000 стечајци, зголемувањето на социјалната помош за 300% и зголемувањето на минималната плата за работниците од 9.000 денари во 2017 на 22.500 денари во 2024 година“, потенцираше Бочварски.

Тој додаде дека планот предвидува распределба на становите во Кочани и Велес, а по завршување со изградбата, распределба и на социјалните станови во општините Бутел и Дебар, како и изградба на уште две социјални згради во Штип и Прилеп.

„Исправањето на неправдите мора да продолжи… Борбата за социјалната правда мора да продолжи!“ заклучи Бочварски во својата објава.

Слични содржини