СДСМ утрово со реакција на вчерашната изјава на пратеникот во германскиот Бундестаг, Питер Бајер. Како што велат од владеачката партија, германскиот пратеник вчера изјави дека „ДПМНЕ е за промена на Уставот и дека знае со сигурност дека ДПМНЕ сака измени на Уставот“.
Од партијата на Димитар Ковачевски забележуваат дека лидерот на опозицијата, „Христијан Мицкоски зборува сосема спротивно од ова пред македонските граѓани и заедно со Николовски јавно велат дека се против уставните измени“.
-Особено што ДПМНЕ е единствена партија која ги блокира уставните измени и членството во ЕУ. На Мицкоски воопшто не може да му се верува. Едно кажува Мицкоски пред македонските граѓаните, друго кажува надвор во Европа и нема став за клучните прашања, велат од „Бихаќка“.
Бајер вчера во гостувањето на Дневникот на ТВ Сител изјави дека „знае со сигурност дека ВМРО-ДПМНЕ сака да се измени Уставот, но имаат аргументи и причини зошто велат не сега, а тоа е поради процедурите за негова промена, но, исто така, и поради однесувањето на Бугарија и некои од нејзините највисоки претставници“.
Прашан дали и меѓународната заедница ги разбира и прифаќа аргументите на ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени, пратеникот во германскиот Бундестаг вели дека според него она што треба да го направи ВМРО-ДПМНЕ е да воспостави кредибилитет дека стојат зад уставните измени веднаш штом формираат влада.
Бајер е во посета на земјава, меѓу другото и да ја даде својата поддршка за сестринската партија на ЦДУ во пресрет на претседателските и парламентарните избори. Тој вчера имаше средба со Мицкоски, на која било разговарано за изборите и за актуелните состојби во земјава.