Екс-министерот за здравство и носител на изборна листа на СДСМ, Венко Филипче денеска преку објава ја потсети кандидатката за претседателка, Гордана Силјановска-Давкова дека, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ 11 години од приватните специјализанти правеше социјални случаи.
-Тоа не го кажувам јас тоа се зборови на моите млади колеги. Силјановска изгледа не знае дека ВМРО-ДПМНЕ трудот на приватните специјализанти го вреднуваше 0 денари. Со букви НУЛА денари. Таа како пратеник во последниот парламентарен состав можеше, исто така, да иницира измени во законот. Ама тогаш веројатно немала ни слушнато за оваа категорија здравствени работници, а сега во кампањата се обидува на нивни грб да прави политички поени, посочи Филипче.
За разлика од, додава Филипче, политикантството на Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ, јас како министер и СДСМ обезбедивме уште во 2018 приватните специјализанти да добијат месечен надомест во висина на просечна плата, платени дежурства како и платено здравствено осигурување.
Ваквата реакција следува откако вчера Силјановска Давкова на митинг порача дека доколку „е претседателка на државата, сега ќе протестирав и марширав со специјализантите“.
-Со сите ранливи категории, секогаш кога ќе сакам да ја разбудам свеста! Не за да се правам важна или млада, туку за да покажам дека оние на клучните функции се таму заради заштита на јавниот интерес и јавното добро. А јавното добро мора да создава јавна вредност. Тие, специјализантите, создаваат непроценлива јавна вредност! Ги штитат нашите животи, рече меѓу другото претседателската кандидатка од Гевгелија.
Инаку, Владата ги прифати барањата на приватните специјализанти. На вчерашната седница донесе одлука, веднаш по изборите да се подготват предлог-законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности.
Во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа платени за својот труд со просечна плата на општ лекар, со оглед дека дотогаш, тие немаа финансиски надоместок за ангажманот, а ниту една влада претходно не покажа слух и капацитет да почне со решавање на нивниот работен статус.