Лидерот на БЕСА и градоначалник на Тетово, Биљал Касами смета дека мешањето на косовскиот премиер Албин Курти во изборите во Македонија не е штетно, притоа обвинувајќи го претседателот на ДУИ, Али Ахмети за проруска политика.
Касами го обвинил Ахмети и за антикосовска политика, наведувајќи дека неговата политика е проруска и покрај неговите јавни изјави за спротивното и рекол дека тоа може да се види преку присуството на руски компании во Македонија.
„Руските компании во Македонија не беа понудени од опозицијата. Лавров во Скопје не беше донесен од опозицијата, туку од Бујар Османи. Деветте точки за Косово не беа предложени од опозицијата, туку од Бујар Османи. Да не интервенираа специјалните косовски сили на северот на Косово, денес ќе го анектиравме северот како што предложи Османи. Тој едно изјавува, а реално заедно со ДУИ го прават спротивното. Имаат само маска. Колку повеќе вика Ахмети против Русија и Србија, толку повеќе се обидува да ја покрие вистината, но не може да ја покрие за Албанците од Северна Македонија“, рекол Касами во гостување на дебатна емисија на косовска телевизија.
Претседателот на БЕСА смета дека мешањето на Курти во изборите не е штетно.
„Кога ќе се земе предвид дека Србија ја оспорува државноста на Косово, кога ќе земеме предвид дека Србија има намера да го анектира или врати Косово, тоа е сосема друг контекст. Кога знаеме дека Вучиќ е елемент на Русија на Балканот, агент или фактор кој е повеќе поврзан со Русија отколку со Европа и САД, во целиот овој геостратешки контекст, се чини дека не можеме да ја споредиме Приштина и каква било политичка активност со македонските Албанци“, рекол тој.