Левица денеска го промовираше првиот предизборен спот за парламентарните избори. Слоганот со кој партијата ќе настапи е „Неподмитливите во Собранието“.
„Со децении веќе доаѓаат со план за власт, да земаат, да пустошат и да крадат! Татковината која ја сакаме ја претворија во перална за нивните црни пари! И сега ќе пробаат да дојдат со нивниот расипан план за власт, но нека знаат – овој пат, македонскиот народ има свој план!“, стои во делот на најавата на спотот објавен на социјалните мрежи.
Во спотот се појавува лидерот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев.
Од партијата велат дека паралелно продолжува и кампањата на претседателската кандидатка, Билјана Ванковска.
Денеска започна кампањата за парламентарните избори. Во трка за пратеничко место во собранието се 17 партии и коалиции. 13 од нив имаат листи во сите 6 изборни единици. Поднесена е и листа од група избирачи, Ѓула Челику, која влез во парламентот ќе бара само преку шестата изборна единица. Со измените на Изборниот законик, на гласачкото ливче од број еден до број седум, редоследот на коалициите и на партиите е ист како за претседателските избори.