Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ за прв пат по вчерашните изборите се огласи на својот Фејсбук профил.
„Им благодарам на сите вас, хрватскиот народ, што излеговте да гласавте на изборите за хрватскиот Сабор во средата. Со одредувањето на датумот за избори како среда, 17 април, сакав да ве охрабрам да излезете на гласање во што поголем број бидејќи верував и верувам дека одлуката за иднината на нашата татковина мора да ја донесете сите вие. Големиот одѕив потврди дека хрватскиот народ ја сака својата земја, верува во неа и сака промени.
Партиите кои цврсто застанаа на страната на борбата против корупцијата, кои не сакаат Хрватска да биде заробена во корупција, криминал и нееднаквост пред законот, добија две третини од вашите гласови. Вашите гласови се обврзувачки. Имате право да очекувате и да барате од нив – како и од сите нас кои сте ги избрале – да се одржи зборот. Без тоа, престануваме да бидеме демократско општество, а политиката се сведува на трговија и грижа само за сопствените интереси. Хрватскиот Устав е јасен: мандатот за формирање нова Влада може да го добие само тој што ќе докаже дека ја ужива поддршката од 76 пратеници избрани во хрватскиот Сабор.
Разговорите за создавање на ново парламентарно мнозинство се во тек, а секој што ќе учествува во нив мора да ја земе предвид волјата на хрватскиот народ изразена на изборите. Како и досега, така и во оваа ситуација до крај ќе се држам до словото и духот на хрватскиот Устав“, напиша Зоран Милановиќ на Фејсбук.
Милановиќ, кој беше прикриен премиерски кандидат на коалицијата на СДП, сè уште е претседател на земјата. Да потсетиме, коалицијата ХДЗ освои 61 мандат, додека „Rijeke pravde“ има 42 мандати. Иако Милановиќ во текот на кампањата велеше дека има лукав план да ги собере потребните 76 пратеници за формирање влада, во оваа ситуација ќе биде многу тешко да се направи тоа.
Теоретски, тоа е можно, но со огромни компромиси и спојување на практично некомпатибилни идеолошки ривали.