Тодоровска: Документите за историјата на македонската држава мора да се заштитат и чуваат соодветно

од Nikola Popovski
227 прегледи

Кандидатката за пратеник во ИЕ 1 во Собранието на Македонија на претстојните парламентарни избори, од редовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, проф. Д-р Катерина Тодоровска, денеска одржа прес конференција, на која се задржа на тоа зошто Движењето се определило во своите основни документи да ги стави Илинден и АСНОМ.

Таа рече дека современата македонска држава е формирана благодарение на вековната борба на македонскиот народ и останатите жители, за самостојна држава, каде би биле свои на своето. Тодоровска објасни дека во историјата постојат формално, пишано, и неформално, непишано, право, како што го толкуваат историчарите.

„Создавањето на државите, без исклучок, во историјата се одвивало врз основа на стекнато право коешто ние го третираме како непишаното право. Тоа значи дека еден народ може да се повика на историско право за создавање на нова и опстојување на новата држава само врз основа на два принципа. Првиот е принципот на континуитет, т.е. доколку некој народ во минатото имал сопствена држава со сите законски и правно регулирани перформанси. Вториот е принципот на крвта, т.е. колку крв е пролеана за таа територија, за тој народ“.

Тодоровска рече дека ние како Македонци не можеме да се повикуваме по првиот принцип, бидејќи сме немале некоја царска лоза помогната од странски династии како што е тоа случајот во создавањето на државите на нашите соседи, а што се однесува до вториот, принципот на крвта, Илинденското востание и АСНОМ се најголемите и најкрвави показатели за потребата на македонското население да биде самостојно и е подготвено да се жртвува за својот сон – своја држава. За тоа, како што рече таа, сведочи и фактот што ниту една од странските држави не се потрудила ниту да помогне, ниту да ја смири состојбата кога цели села во крушевско по Илинден, заедно со жителите биле пеплосувани.

Тодоровска додаде дека Крушевската република и нејзниот Манифест се одраз и израз на најдемократска политичка творба во почетокот на 20. век. Следната жртва на македонскиот народ се годините од народно-ослободителната војна 1941-1944 година, која била крунисана со АСНОМ и неговите одлуки. Благодарение на АСНОМ биле донесени шесте најважни документи за формирање на македонската државна единица, меѓу кои и Решението за прогласување на АСНОМ за Врховно Законодавно и Извршно Народно претставничко тело, како и Прогласот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ и до целото население кое живеело во македонската држава.

„Документите за историјата на македонската држава од 12 век наваму, а со тоа и најзначајните документи од Илинден и АСНОМ се чуваат во Државниот архив. За жал таа бесценета документација денес е сместена во несоодветни услови, нешто што ќе бара итна реакција на новата власт за нејзино враќање во наменската зграда. Сите ние што знаеме дека историјата е учителка на животот, но и патоказ за иднината, знаеме и колкава е важноста на бесценетата документација која говори за македонското минато во креирањето на иднината на македонската драва. Затоа како совесни чувари на македонското минато, ние имаме обврска да ги зачуваме, покрај другите, и документите од овие два грамадни историски столбови на македонската историја, Илинден и АСНОМ“, рече Тодоровска и додаде дека Програмата “Проглас за достоинствена Македонија” на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија се залага за обезбедување на патот од минатото кон иднината, вложувајќи се максимум за Македонија, преку максимум заштита на историските корени и националните интереси на македонската држава.

Запрашана зошто сега се покренува ова прашање кога со уставните измени при промената на името делумно се редефинираше прогласот од АСНОМ, кои се позициите и што се бара, Тодоровска одговори:

„Едно е да се редефинира, друго е историја. Историјата не трпи редефинирање, не трпи туширање. Најмалку пак трпи произволност. Она што е многу битно сега е да си ја заштитиме нашата документација. Да ги заштитиме сите темелни документи коишто ги имаме. Доколку се отвора Уставот треба да се говори многу искрено и многу отворено за сите прашања и сите грешки коишто се направени. Она што досега нам, како на историчари, најмногу ни пречи е ставот на партиите коишто имаат едно чувство дека се непогрешливи. Непогрешливоста не постои секој од нас може да згреши, но секој од нас треба да си ја признае грешката, да си ја исправи грешката и на крајот ние сме сите менливи и минливи, но Македонија мора да постои“, потенцира Тодоровска.

Слични содржини