ВМРО-ДПМНЕ за „27 април“: Дали Спасовски мирно спие со сознанието дека има драконски казни за лицата за дела кои не ги направиле?

од Nikola Popovski
235 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ се огласи со реакција по денешната изјава на екс-министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски околу годишнината од настаните на 27-ми април 2017 година, кога толпа народ влезе во Собранието.

-Кога веќе Спасовски се одлучи давенички да прави капитал со настаните 27 април, тогаш нека одговори на едноставното прашање кој највеќе искористи со настаните на 27 април? Кој направи влада после овие настани?, прашуваат од најголемата опозициска партија.

Од партијата на Христијан Мицкоски упатија уште неколку прашања до поранешниот прв полицаец во државата.

-Дали за монтираниот судски процес не беше наградена Русковска и Кацарска? Како Русковска пред време ги знаела пресудите за 27 ми април според јавните сведоштва изнесени во јавноста? Дали мирно спие Спасовски со сознанието дека има драконски казни за дела кои не ги направиле? Луѓето од 27 април не бараат милостина, ниту пак амнестија, туку правда, да не одговараат за делата кои не ги направиле, а им ги товарија и препишаа, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно членот на СДСМ и носител на партијата во ИЕ2 истакна дека „насилниците кои на денешен ден пред седум години упаднаа во Собранието не може да се нарекуваат уставобранители ниту, пак, да бидат помилувани и да им биде простено за стореното“.

Прес конференцијата на Спасовски се одржа пред Собранието каде беше поставен видео бим на кој се емитуваа снимки од инцидентите во Собранието. Веднаш до видео-бимот беа расфрлани и неколку искршени столчиња и други предмети.

Претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, која по првиот круг од изборите е во двојна предност пред кандидатот поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, во кампањата за претседателските избори истакна дека од позиција на шефица на државата ќе ги помилува осудените од 27 април.

Слични содржини