Додик: Сакаме да живееме слободно, но не со оние кои не сметаат за геноциден народ

од Nikola Popovski
255 прегледи

Република Српска сака да живее слободно, а не со оние кои не сметаат за геноциден народ, изјави претседателот на РС Милорад Додик и додаде дека ќе ја отфрли резолуцијата за Сребреница доколку биде усвоена, пренесува „РТРС“.

Додик истакнал дека предлог-Резолуцијата за Сребреница е „подмолен потег на бошњачките политички претставници“.

„И тоа е против српскиот народ. И тука сакам да кажам дека геноцид им се случи на Србите во Првата и Втората светска војна. И тоа сите го знаеме“, рекол Додик во обраќањето по повод 29-годишнината од егзодусот на Србите од западна Славонија во хрватската операција „Бљесак“, во која биле убиени 283 лица од српска националност, меѓу кои 12 деца.

Тој посочил дека очигледната цел на Резолуцијата е да се загрози биолошкиот опстанок и идентитетот на српскиот народ.

„Доколку случајно се усвои резолуцијата, ќе ја отфрлиме. Не можеме да ги прифатиме тие квалификации“, изјавил Додик.

„Српскиот народ не сака војна, ние сакаме мир, но подготвени сме да ги заштитиме Србите каде и да живеат. Нема причина за страв или грижа. Српска живее слободно и тоа повеќе од некои земји“, навел Додик.

Тој му се заблагодарил на српскиот претседател Александар Вучиќ за неговите јасни пораки во Обединетите нации.

„Тој е првиот претседател на Србија кој испрати јасни пораки во ОН“, кажал Додик.

Слични содржини