Генсекот на Алијанса за Албанците и актуелен министер за правда, Кренар Лога се огласи со реакција откако вчера беше директно прозван од пратеникот Драган Ковачки, обвинувајќи го за поткуп на гласачи.
-Го знам вашиот интелектуален капацитет нереформиан кадар кој за среќа, во земја членка на НАТО нема преспектива и нема можност за добивање безбедносен сертификат, што за ваша несреќа долгосонуваната позиција Министер за одбрана станува неостварлива. Оваа закана чувајте ја за себе. Во исто време ви благодарам што нè мотиварате дополнително. Овие бесмислици од минатиот век, народски речено, не држат вода кај нас. Ќе ме имате секој ден во секој дел на оваа заедничка држава. Мојата Македонија е побогата од вашата. Европска Македонија е далеку поубава и поперспективна за разлика од вашата Македонија, која е регресивна, изолирана и е со тефтерче против своите граѓани. Неспособен полковнику, како Европски фронт тука сме како гаранција дека оваа држава ќе се движи напред и дека оваа држава е на сите граѓани, како на Македонците, така и на сите останати од третата изборна единица, објави Лога на социјалните мрежи.
Министерот додава дека Европскиот фронт ќе има минимум тројца пратеници од ИЕ3.
Ковачки синоќа од митинг во Кочани, порача дека Лога заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и вицепремиерот Артан Груби „вршат масовен поткуп, се закануваат и уценуваат се со цел да добијат еден пратеник и во третата изборна единица“.
-Сакам да упатам порака до Али и Груби. Деновиве слушам дека вршат масовен поткуп, се закануваат и уценуваат, го праќаат Кренар Лога, потрчкото од Алијанса во Делчево и Берово се со цел да добијат еден пратеник овде во третата изборна единица. Кренар не си ги валкај рацете. Не ти е таму местото. Повлечи се додека е време, ќе завршиш во затвор, како министер за правда знаеш дека тоа што го правиш е против законски, рече меѓу другото пратеникот.