Учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29-ти април, заклучно со 6-ти мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година. Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17-ти јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10-ти јуни.
Наставата продолжува на 7-ми мај, ден пред одржувањето на двојните избори. Во училиштата каде што ќе се организира гласањето, тој ден ќе има скратени часови и работно време до 11 часот. Во останатите училишта каде не се спроведува гласање, наставата се реализира вообичаено и согласно предвидениот дневен распоред.
Осми мај останува неработен ден за сите воспитно-образовни институции, поради вториот круг на претседателските и на парламентарните избори. Министерството за образование и наука реши основците да ги одработуваат деновите кои владата ги прогласи за неработни поради изборите, во текот на работните седмици.
Учениците во Скопје треба да надоместат и за пропуштената настава на 30-ти ноември лани, кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.