Иако само три месеци како постојат на политичката сцена, партијата ЗНАМ веќе остави длабока трага и освои изненадувачки голем број на гласови во првиот круг од претседателските избори, поточно нивниот лидер Максим Димитриевски. Градоначалникот на Куманово, поранешен кадар на СДСМ, по изборните резултати оцени дека во македонскиот политички блок е родена третата политичка сила која ја испишува новата политичка историја. По парламентарните избори на 8 мај, тој смета дека неговото движење ќе стане политички фактор на стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада.
Евидентно е дека добар дел од гласовите на СДСМ се одлеаа на контото на нивниот довчерашен сопартиец. Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски вчера го коментираше ефектот на ЗНАМ на изборите. Тој порача дека многу е лесно да се гласа против своите, но во тој случај не може да се биде победник. „Максим Димитриевски согласно нашето демократско општество формираше свое движење, членови на таа партија се наши поранешни членови, има и роднини кои што сега едниот е во СДСМ, другиот е во ЗНАМ. Всушност тоа се гласови кои што практично беа незадоволни од политиките на СДСМ пред се внатрешно, веројатно поради однесувањето на дел од некои наши другари. Ги земам предвид и тие кои го искажаа својот револт и гласаа за партијата ЗНАМ. Практично тие гласаа против своите. Многу е лесно да гласаш против своите, тешко е да гласаш против политичкиот противник, бидејќи кога гласате против своите вие на крај на денот не можете да бидете победник“, кажа екс-премиерот.
Дали Димитриевски во 2024 е поголема грешка за СДСМ отколку Тито Петковски во 2006?
И на изборите во 2006 година имаше еден феномен, кој му се случува на СДСМ. Тогаш се појави НСДП на тогашниот нивен лидер Тито Петковски. За дел од поранешните членови на СДСМ, не станува збор за грешка, туку за „проект“ на Максим Димитриевски. Политичкиот аналитичар и екс-министер Ѓунер Исмаил смета дека не може да разговараме на релација „виновен-невиновен“ кога се спомнуваат ЗНАМ и СДСМ.
-Проектот Димитриевски не е нешто што може да му препише само на него или само на раководството на СДСМ. Станува збор за процес кој што очигледно е искористен во кој што самиот Димитриевски наводно имал некакви барање кои не му се исполниле. Не сум убеден во тоа и не може да се сведе целиот проект само на неисполнети барања, објаснува Исмаил во разговор за „Локално“.
Околу тоа дали е можен уште поголем одлив на гласачкото тело на СДСМ кон ЗНАМ, тој вели дека сите опции се можни, иако СДСМ е една подолгорочна организација.
-СДСМ не е нешто што може да се поврзе само со едно раководство или структура. СДСМ е нешто потрајно и изворната социјалдемократска идеја не е на други места – некои луѓе ќе се повикуваат на лева, полулева или полуцентар опција. СДСМ е потрајна опција во нашето општество, убеден е Исмаил.
Симулацијата на бројот на пратенички мандати кои би ги освоиле партиите доколку првиот круг од претседателските избори беа парламентарни, покажува дека ЗНАМ на Максим Димитриевски би стигнале до 10 пратеници. За соговорникот, таквата бројка е сепак, произволна математика.
-Во секој случај, тоа е доказ и знак дека успеваат хибридните влијанија на Балканот и Македонија. Како второ, десната опција во земјава уште повеќе ќе порасне и ќе добие во своето лажно обојување и со тоа националистите ќе добијат повеќе место отколку што заслужуваат (тие не ни заслужуваат место). Не мислам дека опцијата ЗНАМ е нешто што на Македонија може да ѝ вети спокојна иднина, оценува екс-министерот.
Реакции и напади од СДСМ, а услови од ЗНАМ
Вицепремиерот и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ смета дека нема суштинска разлика меѓу Левица, ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ.
-Мислам дека ако зборуваме за наследството на АСНОМ и Народноослободителната војна, СДСМ покажа повеќе пати дека ги чува и негува тие позиции. Во време на ВМРО-ДПМНЕ, Сојузот на борци ги изгуби просториите во домот на АРМ. Тоа беше третманот на тие луѓе. Гласајќи за Левица или ЗНАМ, се наградува ВМРО-ДПМНЕ, иако можеби се казнува и СДСМ, но повеќе се наградува партијата на Мицкоски, изјави денес Маричиќ.
Со став и членот на владеачката партија и директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски. Вели дека гласовите на Димитриевски се всушност гласови на разочарани членови и луѓе кои претходно гласале за СДСМ. Тој вели дека актуелното партиско раководство треба да подаде рака кон избирачите, кон своите членови кои во првиот круг на претседателските избори гласале за лидерот на Движењето ЗНАМ.
Димитриевски пак, на денешната прес-конференција им порача на, како што рече, чесните симпатизери и членови на СДСМ – „срцето ме боли кога ве гледам вака исплашени од раководството на мојата поранешна политичка партија како ве држи во заложништво и како сте гневни на сите нив, а молчите“. Упати три услови до актуелното раководство на неговата довчерашна партија, доколку сакаат евентуална соработка по изборите на 8 мај.
-Прво, во наредните 24 часа раководството на СДСМ да поднесе комплет неотповикливи оставки од сите можни функции во партијата. Второ, носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати, и истите ќе ги преземат сите кандидати коишто следуваата на листите по нив. Трето, да се обврзат дека ниту тајно, ниту јавно нема да продолжат да заговараат соработка со сегашното ДУИ, за навистина, а не само формално, туку и суштински со пример, да покажат дека ја примиле вистински пораката на граѓаните и постапиле веднаш по истата, рече меѓу другото градоначалникот на Куманово.
Н.П.