Носителот на кандидатската листа за пратеници за ИЕ 3 од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Павле Арсоски денеска одржа прес конференција на која зборуваше за мерките од нивната програма за парламентарните избори, „Проглас за достоинствена Македонија“, а кои се однесуваат на безбедносните и разузнувачки служби.
Арсоски во почетокот нагласи дека ЗНАМ е политичка опција која во изминативе месеци ја бранува јавноста, го предизвикува интересот и раѓа нова надеж кај граѓаните на Македонија.
„Тоа се потврди и со бројот на гласови кои ги доби нашиот кандидат за претседател, Максим Димитриевски во првиот круг од претседателските избори. Всушност, над 83 илјади граѓани кои се одважија да ни ја дадат довербата се доказ дека сме на прав пат,тие се наш ветер во грб и им благодариме на сите. Нема да ги изневериме“, рече тој.
Арсоски додаде дека од ЗНАМ се цврсто решени да направат вонредни напори за стабилизиација на државата, за развој на економијата, запирање на иселувањето на младите.
„Но пред се – цврсто сме решени да покажеме поинаков начин на практикување на власт, на вистинска служба на народот, да работиме посветено и одговорно, чесно и домаќински. Со работа, ред и поредок да ја вратиме вербата на граѓаните во институциите на системот, да ја вратиме надежта во подобар живот и подобра иднина на генерациите што доаѓаат. Да го вратиме вистинскиот патриотизам и љубов кон татковината“.
Арсоски рече дека му е чест како на генерал во пензија со големо искуство и како носител на листата во ИЕ-3, да се задржи на безбедносните и разузнувачки служби, како дел од програмата „Проглас за достоинствена Македонија“.
Ова, како што рече тој, поради тоа што нема просперитет на една нација и држава, нема инвестиции и економски развој без мир и стабилност и продолжи:
„Во „Прогласот за достоинствена Македонија“ јасно ги посочуваме аномалиите во безбедносниот и одбранбен сектор и ги наведуваме нашите решенија за истите. Ние од ЗНАМ имаме намера да воведеме целосна професионализација и департизација на сите безбедносни, разузнувачки и контраразузнувачки служби и нивно фокусирање исклучиво на мисиите и задачите за кои се формирани, во служба на безбедноста и стабилноста на државата. Недозволиво е униформата и струката да се исклучат од одлучувањето за кариерен развој на војниците и полицајите, за нивното вработување, школување и усовршување, за учество во операции надвор од државата и секакво друго одлучување од делот на службата, а сето тоа наместо нив да го преземат партиските носители на политички функции“.
Тој додаде дека во Програмата се предвидени мерки за подобрување на условите за работа и стандардот на вработените во Армијата и Полицијата, инвестирање во модернизација на нивната опрема.
„Во постојана комуникација со војниците и старешините од АРМ, со синдикатите во одбраната и особено со синдикатот на професионални војници во „Прогласот за достоинствена Македонија“ предвидовме конечно и трајно, системски и со закон, решавање на статусот на професионалните војници, кои се веројатно единствената категорија на вработени во државниот сектор уредена со Закон, со статус на определено време во текот на целата кариера. Нашата намера, како крајна цел е, тие да имаат статус и права како и останатите вработени во Армијата, затоа што на војниците им е доста од игнорирањете на нивниот статус, а особено се несериозни ад-хок ветувањата кои ги слушаат деновиве. Власта на СДСМ и ДУИ имаше долги 7 години да го реши овој проблем и не го стори тоа. Ние од ЗНАМ ќе го решиме ова прашање“, потенцира Арсоски.