Поранешниот најдобар фудбалер во Европа, Чехот Павел Недвед се присети на моментот на крајот од кариерата кога одбил понуда од Жозе Мурињо.
Во 2003 година, како играч на Јувентус, Павел Недвед беше прогласен за најдобар фудбалер во Европа, освојувајќи ја „Златната топка“ пред Тиери Анри и Паоло Малдини. За торинскиот клуб играше осум години, но договорот му истече на крајот од сезоната 2008/09.
„Кога Жозе Мурињо дозна дека јас и Јувентус нема да потпишеме нов договор, ме контактираше. Тој ми кажа дека ќе имам одлична сезона доколку дојдам во Интер. Ми рече дека ќе ја освоиме Лигата на шампионите ако му верувам. Навистина бев поласкан од неговата понуда, пред се затоа што според сведочењата на неговите поранешни играчи, задоволство е да се работи под негова команда“, изјави Павел Недвед и додаде:
„Сепак, една работа ме спречи да прифатам понуда која ќе ми донесеше многу пари и ќе доживеав уште една врвна сезона. Едноставно, премногу ги сакам навивачите на Јувентус и не би било во ред да играме за нашите главни ривали, кои го изградија својот успех на нашиот пад. Ова не го велам како навивач, туку како вистински професионален фудбалер, затоа што се сметам себеси за таков. Да се каже „НЕ“ на Интер беше вистинската одлука. Тие ја освоија Лигата на шампионите, но јас го задржав достоинството и наклонетоста на навивачите“.
Павел Недвед дојде во Јувентус од Лацио во 2001 година и освои две титули во Серија А, два италијански Суперкупа и една титула во Серија Б со „Старата Дама“.