Три лица, меѓу кои и полицаец, осомничени за киднапирање и разбојништво

од Vladimir Zorba
173 прегледи

Три лица, меѓу кои и полицаец, се осомничени за разбојништво и противправно лишување од слобода.

Јавното обвинителство денеска соопшти дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против две лица кои како соизвршители се осомничени за кривични дела „разбојништво“ и „противправно лишување од слобода“.

Двајцата се осомничени дека на 23 април противправно лишиле од слобода едно лице, така што го повикале да излезе со изговор дека им е потребна помош, а потоа присилно го внеле во автомобил и се упатиле кон мостот на улицата „Беласица”.

Со возилото управувало трето лице – полициски службеник против кого постапката е издвоена и ќе ја води Одделението за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Додека полицискиот службеник возел, двајцата други осомничени му се заканувале на оштетениот и му нанеле убодни рани со нож во ногата и во рамото. Кога стигнале под мостот, насилно го извадиле од автомобилот и сите тројца физички го нападнале со удари со клоци и тупаници по целото тело, нанесувајќи му тешки повреди.

Му одзеле околу 8.000 денари колку што имал оштетениот со себе во моментот, а потоа го пуштиле да си оди со закана дека доколку до 1 мај не им исплати 10.000 евра ќе го убијат и него и неговиот татко.

– Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени против кои постапува. Едниот од нив е во бегство и притворската мерка ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, информираат од Обвинителството.

Слични содржини