Лебот нема да поскапи во догледно време

од Nikola Popovski
198 прегледи

Се евидентираат промени на берзите за жито бидејќи стигна информација од Украина и Русија дека не се знае како ќе течат жетвите. ФАО истакна некој процент на зголемување на цената на житото. Тоа сепак е незначително. Ние тврдиме дека во наредниот период ќе има стабилност на цените на основните прехранбени производи како житото и пекарските производи, изјави денеска Горан Ѓорѓиевски од Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Според него, компаниите се соочуваат со големи притисоци и проблеми од друга природа, како што се проблемите со човечките ресурси и одливот на кадар во западните и туристичките земји.

-Проблем е и ликвидноста на компаниите кои се соочуваат со недостиг на финансии. Банките тешко одобруваат кредити и тешко овозможуваат пристап до финансии со соодветно ниска цена. Повеќе притисок се чувствува од страна на недостигот на човечки ресурси, имавме и покачување на минималната плата, кажа Ѓорѓиевски во изјава за медиумите.

Тој истакна дека нема да има поскапување во догледно време, односно после месец или два повторно ќе се прави анализа.

-Знаете за турбуленциите на Блискиот исток и покачувањето на цената на нафтата. Утрово читав дека Израел може повторно да нападне и тоа градот Рафах, па тоа може да иницира зголемување на цената на нафтата. Тоа потенцијално би значело можни повисоки цени на суровините за прехранбената индустрија, предупреди Ѓорѓиевски.

Слични содржини