Агентите на Пеп Гвардиола јасно ставија до знаење дека враќањето во Баерн Минхен ова лето не е опција за нивниот клиент и тој сигурно ќе продолжи да го води Манчестер Сити следната сезона.
„Пеп го има Баерн во срцето, но не сака да го напушти Манчестер Сити на лето“, се вели во соопштението на шпанската агенција „Тактигруп“, која се справува со обврските на тренерот. „Тој е многу среќен во Англија и има договор до 2025 година. Враќањето во Баерн не е опција“, соопшти агенцијата, цитирана од Скај Спорт.
Пеп Гвардиола го водеше Баерн (Минхен) од 2013-2016 година, освојувајќи седум трофеи со тимот, вклучувајќи три титули во лигата и стана клупски светски шампион. Сепак, под негово водство, тимот беше елиминиран три пати во полуфиналето на Лигата на шампионите – против Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид.
Така се затвора уште една врата за Баерн, кој веќе наиде на одбивањата на Шпанецот Чаби Алонсо, Германецот Јулијан Нагелсман, Австриецот Ралф Рангник, а се очекува и Италијанецот Роберто Де Зерби да им сврти грб на Баварците.
Во моментов фаворит за нов тренер на Баерн е Холанѓанецот Ерик тен Хаг, кој има договор со Манчестер Јунајтед до 2025 година, но неговата ситуација во Англија е премногу неизвесна.