Пендаровски: Мојата совест е мирна, но дали им е мирна на оние кои денес спречија илјадници граѓани да го дадат својот глас за претседателските избори

од Nikola Popovski
234 прегледи

„На крајот од овој долг изборен ден, вториот круг на претседателски и единствениот круг на парламентарни избори, дозволете да се заблагодарам на сите учесници во изборниот процес,и сите институции овој изборен ден да помине како што треба во демократска атмосфера и почитување на највисоките европски и меѓународни стандарди,“ истакна кандидатот за претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Тој посочи на неколку извештаи за прекршувања на изборните правила, во некои делови на Македонија, меѓутоа, како што рече да оставаме тоа надлежните институции во соодветна постапка да го разрешат, како и да не остават темна дамка на изборниот процес кој и пред две недели, и денес е на ниво на држава која е членка на НАТО и која преговара со ЕУ.

Пендаровски рече и дека резулатите се јасни и нема намера подетално да ги образложува.

„Сакам согласно резултатите кои досега ги видовме да им честитам на победниците и да им посакам успешна работа во следните 4-5 години. Мојот концепт за мултиетничка Македонија, целосно интегрирана во евроатлантските структури, денес за жал не доби мнозинска поддршка од граѓаните, но јас сум длабоко уверен дека само таква Македонија може да биде просперитетна, и демократска држава. Од таа смисла мојата совест е мирна. Не сум сигурен дека совеста им е мирна и на оние кои тргнувајќи од тесно партиски, лични и политички интереси, денес ефективно спречија илјадници наши граѓани, да го земат и второто ливче и да гласаат на претседателските избори. Меѓутоа реков резултатите наспроти се се јасни и уште еднаш им посакувам успех на оние кои денеска ја добија мнозинската доверба на македонските граѓани,“ порача Пендаровски.

Тој користејќи ја приликата им се заблагодари на медиумите за успешната соработка во изминатите 5 години.

Слични содржини