Немаме каде да правиме повеќе отстапки, рекол актуелниот бугарски в.д. премиер и министер за надворешни работи, Димитар Главчев пред новинарите во врска со изборните резултати во Македонија и европскиот развој на земјава.
-Да почекаме да видиме каква влада ќе се формира. Се надевам дека ќе ја продолжат својата европска перспектива, додал тој.
-Позицијата која што ја имаме е општо позната и европска. На нашите пријатели од РСМ им е јасно дека доколку не ги исполнат условите за членство во ЕУ, не постои можност за влез, рекол Главчев.
Вршителот на должноста премиер на Бугарија учествувал на церемонијата на подигнување на знамето на Европската унија по повод Денот на победата пред претседателската институција.
Претходно со став се огласи и бугарскиот претседател Румен Радев. Според него, многу наскоро ќе се види дали Македонија ќе сака да тргне по патот кон Европа, коментирајќи ја победата на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска-Давкова на изборите.
Радев истакнал дека отсекогаш ја поддржувал европската интеграција на Македонија, но со почитување на принципите на добрососедство и особено Копенхашките критериуми за членство. Според шефот на бугарската држава, тоа значи промена на македонскиот Устав и почитување на правата на македонските Бугари, но и откажување и осудување на говорот на омразата што, според Радев, бил особено присутен во оваа изборна кампања, ревизија на учебниците, но и почитување и заштита на бугарското културно и историско наследство на македонските Бугари.